еМагазин
Image default
На кафе во Кантина

Наумовска Грнарова: Да си исполнет и среќен, тоа е најголем успех

Кога на радијаторите ќе им дадеш една уметничка вредност, притоа во просторот се претопуваат во концепцијата на уредувањето на ентериерот и се дизајнерско дело, тогаш станува збор за филозофија на работење на „Завар дизајн“, компанија која се занимава со изработка на дизајнирани радијатори.

Генералниот менаџер  Марта Наумовска Грнарова вели дека, со квалитетот и пристапот на дизјанот, се разликуваат од останатата понуда и конкуренцијата. Нивна стратешка цел е, производите да ги насочат кон повисока класа на клиенти, кои знаат да ја проценат вистинската вредност на производите, високиот квалитет, рачниот финиш и посебниот пристап кон дизајнот.

„Тука ја гледам предноста и местото на пазарот каде да се пласираме. Цените од друга страна не се премногу високи. Тие се прифатливи и споредливи со стандардни производи. За голем број на фабрики, проблем е да направат исчекор и да покријат дел од пазарот на кој не се застапени,“ вели Наумовска Грнарова.

Во насока на остварување на оваа цел, е и соработката со македонскиот дизајнер Марјан Денков кој живее и работи во Париз. „Завар дизајн“ направи custom made радијатор дизајниран за showroom во Париз, при што го направи првиот поголем чекор за влез на францускиот пазар. Вила на француските Алпи, исто така е опремена со 11 радијатори на оваа компанија.

„Започнавме соработка со македонскиот дизајнер Марјан Денков. Имавме ексклузивна промоција на радијаторите во рамките на шоу рум на Неделата на дизајнот во Париз.Поминавме многу добро, предизвикавме интерес и кај повеќе медиуми меѓу кои и „Мери Клер“. Целта ни е, на повисока клиентела во Европа да и се понудат специјално дизајнирани радијатори,“ објаснува Наумовска Грнарова.

Најголем дел од производството, односно 85 проценти од извозот е за Швајцарија, Велика Британија, Германија, каде што најголемите глобални брендови во оваа индустрија се таму.

„Завар дизајн“ соработуваат и со голем број на глобални комапнии кои на некој начин се двигател на развојот, поттикнуваат воведување на нови технологии, подобрување на условите за производство, имплементација на нови стандарди.

„Соработката со глобални играчи на светскиот пазар те тера на развој на нови производи, освојување на нови маркети, инвестиции во кадар, во нови машини, производствени погони. Работиме за компании на кои им е важен секој детаљ. Не секогаш цената игра улога, ако истата е поткрепена со сите сегменти од работењето, тогаш немаат проблем да платат. Гледаат се, само да не си евтин. Заради развојот, добро е кога работиш со странци. Постојано учиш, имаат високи критериуми и не дозволуваат да се олабавиш туку постојано да напредуваш,“ вели Наумовска Грнарова.

Од големо значење е учеството на саеми, каде што секоја година „Завар дизјан“ поставува нови стандарди и иновации во изложувањето.

Секое претставување, според Марта е едно ново учење за клиентите, пазарот, конкуренцијата, производството.

„Саемите не се само место за генерирање на продажба, туку се интерактивен процес од огромно значење. Ја гледаш конкуренцијата, позиционирањето во однос на нив. Потенцијалните клиенти можат да бидат дел од изложувачите. Се одвиваат голем број на дебати, научни дискусии и многу работи можат да се научат. Голем дел од скаутите, гледаат како компаниите поминуваат на саемот, каква е заинтерисираноста од страна на посетителите, дали се издвојуваат од останатите.Тe следат во континуитет и како се развиваш. Оваа година по вторпат имавме успешно претставување на најголемиот саем за процесна индустрија ACHEMA во Франкфурт,“ вели таа.

Во март ќе учествуваат на Саем за греење во Милано, каде што лани се претставија со колекцијата „дроп“ (капка) која за следното претставување ќе биде дополнета.

„Минатиот пат, бевме забележани и се разликувавме од останатите. Тоа е обврска да бидеме уште подобри. Се разликувавме од било која понудена колекција, односно понудивме концепт на пазарот, при што клиентите сами можат да си комбинираат осум основни форми на радијатори. Комбинацијата е препуштена на самите клиенти, како сакаат така да ги направат,“ вели Наумовска Грнарова.

Треба да сонуваме и да бидеме реални во очекувањата

Наумовска Грнарова пред извесно време беше на едукација за дизајн менаџмент во Јапонија, како стипендист на Јапонското министерство за економија. За секоја компанија и бизнис базирани на дизајнот, значајно е како ќе биде поставена работата, каков ќе биде протокот на информации, како ќе се одвива комуникацијата со клиентите и каде и како организациски ќе биде поставен одделот за дизајн.

„Самиот момент на нова култура е фасцинантен.За некои работи доживеав шок, бев ненавикната на редот, почитувањето, хиерархијата. Најтешко ми беше е да се навикнам на дистанцата со предавачот. Предавачите и содржината беа возбудливи и интересни. Обуката траеше три недели,“ вели таа.

На пролет, во соработка со странски организации е во план да се направи обука и овде за нашите компании кои се во фаза на иновации и воведување на нови производи и на дизајн. Дел од тоа што таа го научила, ќе се прилагоди на нашите потреби и ќе се пренесе и овде.

Марта е дел и од почетоците на приказната на Skopje design week, манифестација која имаше за цел да ги спои бизнисот и дизајнот во насока на создавање на производи со додадена вредност и препознатливост при извоз на странските пазари.

По четири години успешно одвивање во Куршумли Ан, се „роди“ Јавна соба која ќе понуди живеење на дизјанот во текот на целата година.

„За петтиот роденден сакавме да понудиме нешто ново, бидејќи во изминатите четири години „Скопје дизајн вик“ ја одигра својата улога во однос на првична замисла за спојот на дизјанот и бизнис, едниот во функција на другиот, со цел создавање на препознатлив македонски производ за извоз. Се одржаа многу работилници, учествуваа голем број на предавачи и излагачи и требаше да се премине во нова фаза. Јавна соба е многу инспиративна за посетителите, дизајнерите можат да ги изложат своите прозиводи во текот на целата година, а не само една недела како што беше концептот на досегашното издание на Неделата на дизаjнот. Се пријавуваат млади дизјанери со производи и брендови. Идејата е преку целата година да се зборува за дизјанот. Планот е да се изгради и прототипски центар каде што дизјанерите ќе можат да ги произведуваат своите парчиња,“ објаснува таа.

Наумовска Грнарова смета дека индустрискиот дизајн нема историја. До сега, компаниите најповеќе имале лон систем и полупопроизвдоство, а ретки биле оние кои се бореле на светскиот и регионалниот пазар со свои производи и бренд. Денес работите се менуваат, иако едукацијата за дизајнот е од понов датум.

Во однос на годината што изминува, таа е задоволна од завршувањето на голем инвестициски циклус со што се подобрил квалитетот на производите, а и конкурентноста.

„Следува многу важна историска година за „Завар“, како заокружување на инвестициски циклус во исчекување на квалитетени резултати. Очекуваме, работите во кои инвестиравме да се реализираат. На одредени проекти и со клиенти работиме подолго време и очекуваме да се отворат нови пазари и да се зголеми портфолиото.Очекуваме официјален извоз на американскиот пазар, што не е мала работа. Нашата индустрија зависи од инвестициите. Понекогаш потребни се една до две години за реализација на договорите,“ објаснува Наумовска Грнарова.

Побарувачката според неа се намалува, а конкуренцијата се зголемува, па оттука и условите за работа следната година, нема да бидат полесни.

„Околностите за работа нема да бидат полесни, но колку побрзо сфатиме, реагираме и се прилагодиме ќе бидеме подготвени за да се носиме со конкуренцијата,“  вели таа.

Заедно со нејзиниот сопруг се дел од семејната компанија и како што вели, си се поддршка и инспирација. Улогите во компанијата се поделени по афинитет и способности.

„Последните две три години го реорганизирав времето и повеќе сум посветена на ќерка ми која има 10 години и која не ја видов кога порасна. Децата се менуваат со растењето, а со тоа и нивните потреби, “ додава Марта.

Патувањата се нејзин полнач на батерии, а најдобро е ако може да искомбинира бизнис и задоволство.

„Вежно е да си инспириран и да имаш соништа. Сонот ти ја држи енергијата. Важно е на што трошиш енергија, доволно е да сакаш, вселената ќе се потруди тоа да ти се исполни. Ако работиш доволно посветено и доволно долго, тогаш резултатите ќе дојдат.Треба да сонуваме и да бидеме реални во очекувањата.Важно е секој ден да се живее,“ додава Марта.

Според нејзе, заради искуството од минатото и сонот за иднината, не треба  да заборавиме да живееме сега.

„Дефинициите за успех се многу релативни. Да си исполнет и среќен тоа е најголем успех,“ завршува нашата соговорничка.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ангеловска: Желбата ми беше да успееме и да го смениме пазарот на е-трговија

Силвана Жежова

Беса Арифи: Најважна ми е слободата

Силвана Жежова

Циривири: Системските дефекти создаваат проблеми со далекусежни последици

Силвана Жежова