еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Манчевски: Не можеш цел живот да се занимаваш со политика, заминав бидејќи ќе го работам она што го сакам

Советот „од мотика и политика бегај“, добиен од неговиот стрико од Охрид поранешниот министер за информатичко општество и администрација и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски го послуша. Непланирано, се тргна од политиката четири години порано од кога ја имал замислата да стави крај на политичката кариера.

„Ми се јави стрикото и ми вика добро ме послуша, а сега бегај од новинари,“ вели Манчевски во разговорот за „еМагазин“, кое е негово прво интервју откако ја напушти политиката и премина во приватниот сектор.

Всушност како прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација, го направи она за што се залагаше, дел од администрацијата преку преквалификации, да премине во приватниот сектор. Тој е дипломиран електроинженер и ќе го работи она што од секогаш го сакал, во ИТ струката.

Во СДСМ нема поделби на „луѓе на Заев“ и „луѓе на Шекеринска“

Понудата да премине во приватен сектор, Манчевски ја добил кон крајот на август. Не се заситил од политика, но добил шанса да го работи тоа што го сака.

„Размислував неколку недели, се консултирав со луѓе, беше прилично тешко, но на крај сепак ја донесов одлуката. Не ми здодеа, но постојано тврдев дека не можеш цел живот во политика, посебно не кај нас. Денес си, утре не си. Ретки се исклучоците што останале цел живот во политика. На крајот на денот имам занает, електроинженер сум и за работа никогаш не сум имал проблем,“ вели Манчевски.

На прашањето дали можеби политички несогласувања се причина за неговото заминување, тој вели дека првиот човек на кој му кажал за понудата и со кого се консултирал за целиот процес, бил премиерот Зоран Заев.

„Тој настапи како пријател спрема мене, бидејќи низ се што поминавме низ годиниве, создадовме лично пријателство“ додава Манчевски, кого го потпрашувам дали во партијата има поделеност на „луѓе на Заев“ и „луѓе на Шекеринска“. Низ смеење ми одговара, „нема поделба на територијална основа“.

„Никогаш немало. Се смееме на тие муабети. Ако имаше поделби до сега ќе се случеа. Никогаш и ниту еден муабет нема да биде доволен за да ја подели таа екипа. Што и да било, сме наоѓале начин да го решиме. Нормално, има луѓе што имаат различни мислења и секогаш сме имале демократски капацитет секој да си го каже своето мислење. Но, моето заминување нема врска со тоа и навистина беше лична одлука,“ вели тој.

Манчевски низ разговорот ни откри дека после министерското место, неговата следна позиција во Владата требало да биде Генерален секретар, но во одлуката да замине во приватниот сектор помогнала и опозицијата без да сака.

„Неколку недели не сакаа да прават кворум за откако ќе ја дадам оставката од пратеник, да го верификуваат мандатот на следниот кандидат. Мислам дека ако го направеа тоа на првата седница кога се гласаше Владата, јас денеска ќе бев во Владата. Така што, на некој начин кумуваа на сето ова. Си реков дека ако сега не се вратам на професијата, а имав извонредна понуда, подоцна може никој да не ме побара“ вели тој.

На 18 години станал член на партија и ако направи споредба помеѓу тогаш и сега на политичката сцена, вели дека тогаш било полошо, но и помалку јавно.

„Денес политиката е јавна, се што правиш се знае и не можеш да се сокриеш посебно во мала земја како нашата. Во минатотот во одредени делови беше многу полошо, но јавноста не беше свесна бидејќи немаше пристап до информации,“ објаснува Манчевски.

Во ИТ струката ако подолго не си во неа, повеќе не си употреблив

Министерската функција му е драгоцено искуство, иако смета дека е неблагодарна работа, бара многу и е напорна.

„Задоволен сум од тоа што го направив изминатите три години. Сигурно можело повеќе, но во тие услови, со тие ресурси, во тоа време, кога не можевме целосно да се посветиме само на работата, бидејќи решававме белосветски проблеми, задоволен сум. Целосно го снимив системот како функционира од внатре, сретнав многу луѓе, видов, научив нови работи.

Имав среќа дека ми се погоди такво министерство што ми овзоможи да бидам во тек со технологијата. Да бев во друго министерство, да бидам искрен, сега ќе бев неупотреблив како електроинженер.Тоа во мојата струка е непроценливо искуство и сега ми користи доста,“ вели Манчевски.

Како министер ги постави сите потребни основи за дигитализација, но како крајна цел е институциите да ги користат платформите за давање на електронски услуги на граѓаните.

„Системот и инсталациите се поставени и од технички и од правен аспект. Сега треба да се мотивираат, натераат, научат институциите да ги користат овие системи. Имаме електронски регистар на население што е основата на електронскиот идентитет на граѓаните, ги имаме платформите за давање на електронски услуги, новиот портал за електронски услуги, интероперабилноста е поставена, имаме нов портал за отворени податоци…

Сега следниот предизвик е ширење на приказната по институциите. Тоа ќе биде и мисија на Владата, да ги натера и да инсистира институциите повеќе да ги користат овие системи. Во различни институции има различни проблеми. Некаде проблемот е финансиски, бидејќи треба да се набави одредена опрема за да може да се дадат електронски услуги.

Но, не е само да се купи сервер, многу поголем е проблемот од човечки аспект односно недостатокот на човечки ресури,“ вели Манчевски.

Тој додава дека решението на овој проблем го гледа во соработка со приватниот сектор, бидејќи нема да се донесе квалитетен ИТ кадар за плати какви што сега ги има администрацијата.

„Развојот на веб-сервиси треба да се даде на надворешни приватни компании. Услугите ќе доаѓаат и ќе бидат целосно во сопственост на институциите, но ќе се сервисираат од страна на приватни компании. Тоа според мене е наједноставен и најевтин начин.

Нема да донесеме доволен број на квалитетен ИТ кадар во институциите, бидејќи со овие плати нема шанси. Ние имавме идеја што треба да се спроведе од страна на Владата за формирање на Дигитална агенција, која ќе биде еден вид на ИТ заеднички служби за сите институции и каде што таму ќе се нудат повисоки плати за вработените. Ама сепак, приватниот сектор во оваа струка секогаш ќе биде подоминантен“ додава тој.

Платата што ја земал како министер била пониска од таа како електроинженер во 2012 година

Отпуштања од администрацијата немаше, но според Манчевски реално за мандат од четири години може да се намали за 20 проценти и тоа преку природен одлив, преквалификација, субвенции, пакети за откуп на стаж. Тој се согласува дека се потребни и отпуштања, но врз основа на многу детална анализа која не се прави од еднаш.

„Имаме ИПА проект кој е активен една година. Работат странски експерти кои токму тоа го прават, се читаат законите, се гледа систематизацијата. Многу е сложен тој процес и е во тек, но за брзо ќе се знае што треба да се направи. Администрацијата во некои сегменти има недостаток, а вишокот е во јавниот сектор, акционерските друштва, јавните претпријатија и сл.

Сепак, во одредени сегменти има и недостаток на работна сила и не можеме комотно да се однесуваме со луѓето што ги имаме. Треба да се трудиме со нив, да ги обучиме, ангажираме. Генерално, покрај ИТ кадар, имаме недостаток на квалитетна работна сила и во многу други сектори како на пример градежни инженери, архитекти, правници… “, вели Манчевски.

Тој додава дека и во приватен и во државен сектор имате луѓе што работат, помалку работат и забошотуваат, но најважно е во кој било сектор да има резултат и добро да си награден за својата работа.

„Администрацијата е толку напаѓана што брзо ќе се случи да луѓе нема да сакаат таму да работат. Дополнително што платите се пониски отколку во приватен сектор.

На пример, платата за која што работев како министер е пониска од мојата плата претходно што ја добивав како инженер во приватен сектор од 2012 или 2013 година.

Дополнително, како вршител на јавна функција, постојано сте под лупа на јавноста и немате никаква приватност,“ вели Манчевски.

Македонски софтвер чии услуги ги користи и американскиот Црвен Крст

Манчевски, како што неодамна објави на Фејсбук е генерален менаџер на двете компании на MAK-SYSTEM (www.mak-system.com) во Скопје и Белград. Компанија која е водечки светски провајдер на медицински софтвер за менаџмент на крв, плазма, ткива и клетки.

„Работиме софтвер за трансфузиологија. Главните клиенти ни се банки за крв, што кај нас не постојат и големи болнички системи. Еден од најголемите клиенти ни е Американскиот црвен крст. Други мрежи за банки за крв секаде во светот се наши корисници, како на пример речиси низ цела Западна Европа, Канада, Австралија, Хонг Конг, Јужна Америка и Африка.

Овој софтвер е македонски производ, македонски софтвер кој станал светски стандард. Нешто што е Мајкрософт во оперативните системи, тоа е Мак-Систем во делот на крв и крвни продукти, а ретко кој тоа го знае кај нас. Фирмата е формирана во 1984 година во Франција, а во Скопје работи веќе 30-на години. Во Скопје и во Белград е само техниката. Овде имаме само развој на производот, одржување и сервис, овде не работиме продажба, бидејќи немаме пазар,“ вели Манчевски.

Овој македонски софтвер се користи речиси секаде во свет, а тоа било и една од причината да работи за оваа компанија, бидејќи смета дека во нашата држава ИТ професионалците не треба да работат аутсорсинг туку во развивање на наш бренд и производ.

„Еве го има, постоел, а не сме знаеле. Има и други такви македонски производи за кои јавноста не знае. За среќа, за овој наш производ се заинтересирала голема инвестициска компанија како Carlyle Group и ja откупила компанијата од претходните сопственици. Тоа за нас отвора огромни нови можности за нашите производи за технолошки напредок.

Ние и онака речиси да го имаме монополот на светскиот пазар и од тој аспект сме во покомотна ситуација, но новите технологии не предизвикуваат и мора да работиме на унапредување на нашиот производ,“ раскажува Манчевски.

Македонската и српската компанија чиј што генерален менаџер е тој, е дел од големиот систем на „Мак систем“, чие што седиште е во Лондон, но има фирми и во Париз, Мадрид, Брисел, Чикаго, Франкфурт, Скопје и Белград.

„Овде сме 100 и нешто луѓе и во моментов имаме огромна потреба од многу нови, бидејќи работиме на технолошка надградба на производите.“, додава нашиот соговорник.

Сакам да готвам

Приватно, станува во пет и пол за да вежба и така го започнува денот што му помага да се справи со сите предизвици.

„Апчиња за смирување не пијам, така да вежбањето ми е издувен вентил,“ вели тој.

Обожава да јаде месо, но два пати во неделата е на растителна храна и вели дека во тие денови остварува подобри резултати во вежбањето.

За викенди, најчесто со семејството се на чист воздух во викендичката надвор од Скопје. Сака да готви, а појадокот како што вели е негова обврска.

Им помага на децата кои се прво и петто одделение во учењето, тој е задолжен за носење во училиште. Оценува дека засега онлајн наставата се одвива добро, но како на долг рок ќе се покаже знаењето на децата, времето ќе покаже.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Почина бизнисменката Нина Јанева

Редакција

Oсумчлено семејство од Македонија се евакуира од Судан

Редакција

(Галерија) Скршени кампови, превртени тенди, откорнати дрвја: Невремето направи пустош во Љубаништа

Редакција