Имајќи ги предвид продолжените ефекти од ковид-кризатa, Народната банка одржа неколку состаноци со претставници на Македонската банкарска асоцијација (МБА) во врска со втор период на одложена отплата на обврските на клиентите по основ на кредит.
„Со регулаторните измени коишто ги донесе Советот на Народната банка, предвидено е дека банките можат на своите клиенти да им понудат и втора поволна промена на договорните услови за кредитните производи. Целта е да се помогне на оние клиенти кои се негативно погодени од пандемијата на ковид-19.
Условите и начинот на промена на договорните услови за втор период на одложување на отплатата на обврските по основ на кредит треба да го дефинираат банките. Се очекува во своите понуди, банките да имаат јасно дефинирани критериуми за одобрување на втор период на одложена отплата, со цел да се помогне на клиентите кои се погодени од ковид-кризата.
Истовремено, се очекува начинот на промена на договорните услови да биде најсоодветен за клиентите и да овозможи брз, сеопфатен и ефикасен пристап до сите коишто имаат објективна потреба од натамошно олеснување на финансискиот товар заради ковид-кризата, а истовремено да се заштити и нивното здравје,“ се вели во соопштението на Народна банка.
Вториот период на одложена отплата на кредитите на граѓаните погодени од ковид-кризата може да трае до 6 месеци, односно до крајот на март 2021 година.
„Регулаторната можност банките на своите клиенти да им понудат и втора промена на договорните услови за кредитни производи треба да придонесе за натамошна поддршка на економијата во целина, во справувањето со предизвиците наметнати од ковид-кризата.
Народната банка постојано ги следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, како и нивните ефекти врз домашната економија и доколку биде потребно, подготвена е соодветно да ги приспособува политиките и навремено да реагира со натамошни мерки, во согласност со своите надлежности,“ се додава во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ