Тековно расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од годинава, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата и трговијата во јули, додека на месечна основа се забележува раст и во двата сектора, соопшти денеска Народната банка по редовната седница на Комитетот за оперативна и монетарна политика.
На седницата е заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата на Народната банка, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена.
Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија.
Одлучено е каматната стапка на благајничките записи да остане непроменета на ниво од 1,5 проценти, а на денешната аукција да се понудат вакви записи во вкупен износ од 10 милијарди денари.
Најновите макроекономски показатели покажуваат пад на бруто домашниот производ во вториот квартал од 12,7 проценти, што во целост е во согласност со проекцијата на Народната банка според која очекуваното намалување изнесуваше 12 проценти.
По минималниот раст на економијата во првиот квартал од само 0,2 проценти, потсетува централната банка, во вториот квартал, економијата очекувано забележа досега најдлабок годишен пад, одразувајќи ги ефектите предизвикани од пандемијата на Ковид-19.
Просечната годишна стапка на инфлација и натаму се одржува на релативно ниско и стабилно ниво, и за првите осум месеци од годината изнесува 0,8 проценти, за што главно придонесуваат повисоките цени на храната.
Во однос на проекцијата, според Народната банка, ваквите остварувања се над очекувањата за 0 проценти стапка на инфлација во годинава. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, неизвесноста околу остварувањето на проекцијата на инфлацијата за годинава е зголемена.
Како што оценува централната банка, девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурна зона. Во периодот јули-август главни фактори кои делуваа врз промената на девизните резерви се редовните отплати на обврските на јавниот сектор кон странство и интервенциите на Народната банка на девизниот пазар.
Расположливите податоци од надворешниот сектор за третото тримесечје од годината се главно ограничени.
Податоците од надворешнотрговската статистика со јули упатуваат на можност за остварување повисок трговски дефицит од очекуваниот за овој период, но периодот на оцена е многу кус за донесување поконкретни заклучоци.
Податоците за билансот на плаќања за второто тримесечје посочуваат на помал дефицит во тековната сметка, како и повисоки нето-приливи во финансиската сметка, во однос на проектираните за вториот квартал.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за август покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, кој е повисок во однос на проекцијата за третиот квартал од годината.
Според централната банка, во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидносната позиција на банкарскиот систем во домашна валута се задржал на релативно солидно ниво, при што банките повремено тргувале краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари.
„Показателите за домашните финансиски пазари, за август посочуваат и на умерено подобрени движења на девизниот пазар, со оглед на натамошниот сезонски ефект на повисоката понуда на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар, но и умерено пониската потреба за девизи на корпоративниот сектор.
Овие движења, проследени со подобрената девизна ликвидност на банкарскиот систем, придонесоа за најниски (21,5 милиони евра) месечни интервенции и поретко присуство на Народната банка со продажба на девизи на банките поддржувачи на девизниот пазар, од почетокот на кризата наваму.
Постабилните трендови на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на септември, кога банките на нето-основа откупуваат девизи од економските субјекти, а Народната банка нема интервенции“, стои во соопштението.
Оттаму укажуваат дека во услови на засилени очекувања за пронаоѓање вакцина за Ковид-19 и за постепено закрепнување на глобалната економија, на меѓународните финансиски пазари во август беше забележан оптимизам, проследен со пораст на цените на акциите и други високоприносни финансиски инструменти.
Истовремено, наведуваат од Народната банка, инвеститорите имаа послаб интерес за побезбедни финансиски инструменти, што доведе до пад на цените на државните обврзници издадени од државите во еврозоната и од САД, коишто сепак беа умерени и ограничени во услови на натамошна примена на експанзивните монетарни политики на централните банки.