Пензионерот Бахредин Сулејман, кој поради потешкотии од коронавирусот бил хоспитализиран во гостиварската болница неколку дена, за Радио Слободна Европа сведочи дека посетите во ковид центарот се дозволени.
Тој вели дека во болничката соба на инфективното одделение го посетиле неговите деца.
„Доле ќе го облечат во нивно одело и ќе го пуштат, ама само по еден на посета пуштаа“, вели тој.
Докторот Гент Билали од гостиварската болница „Ферид Мурад“ за РСЕ вели дека иако посетите и задржувањето подолго со ковид пациенти во болницата не се дозволени, роднините не секогаш го почитуваат тоа правило. Но, додава дека таквите злоупотреби не биле чести.
Тој објаснува дека медицинските работници не можат да бидат и обезбедување на болницата.
„Значи роднини да се грижат за пациент по неколку часа немало, дури ни редовни посети немало, ви велам се случувало на пример некогаш кога е при крај, гледаат некои пациенти од емоции, им се случува да влегуваат преку прозор.
И нормално нема ни да го забраниш, кога некој човек губи близок човек од семејството, нема резон јас или сестрата да се бави со тоа да не му дозволи да влезе внатре кога нас ни е приоритет да дадеме се од нас да спасиме колку што можеме“, вели Билали за Радио Слободна Европа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МЗ