еМагазин
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Неизвесно каква зима не очекува на полето на енергетиката, вели Бислимоски

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски порачува дека никој не може со сигурност да предвиди што ќе се случува зимава на полето на енергетиката.

-Порано проблем беше цената, а сега може да се случи она што се случи во Бугарија и Полска – нема гас. Тешко е тоа да се предвиди. Втора работа е дали може да ја издржи нашата економија цената на природниот гас што е сега. Се поставува и прашањето што ќе правиш доколку немаш купувачи на гас. Во моментов цената на гасот на берзата во Холандија е 96,6 евра за мегават час.

Тоа треба да се помножи по 10,5 и ќе се добие цена од околу 1.000 евра. Тоа е цена само за да го добиеш гасот. Покрај тоа, има и трошоци за транспорт низ туѓи држави, трошок за трговецот кој треба да има некоја маржа. Негативно влијае и курсот на доларот кој постојано оди нагоре и е речиси едно евро за еден долар. Затоа никој не може да предвиди што ќе се случува, изјави Бислимоски за МИА.

Прецизира дека предвидувањето на Виенската берза за цената на гасот за јуни годинава изнесува 103 евра за мегават час, за јули 104, август 104, септември 104, за третиот квартал од годинава 103 евра, за четвртиот 105 евра, за прв квартал 2023 година 104 евра, а во вториот квартал 88 евра. Сето тоа треба да се помножи по 10,5 плус да се додадат трошоците за транспорт и маржи и други трошоци.

-Гасот се уште доаѓа во земјава, каква е цената таква е, но никој не може да каже што ќе се случи доколку Русија не прогласи за непријателска земја и да каже нема гас.Тогаш ќе биде екстремно тешко. Можно е преку Бугарија да дојде азербејџански гас од гасоводот ТАБ доколку Бугарија навреме го заврши приклучокот. Сепак, до крајот на годинава Макпетрол има обезбедено гас за зоните освен ако нешто драматично не се случи, посочи Бислимоски.

Со моменталните цени на гасот, како што истакна, сите наоѓалишта на гас во светот стануваат атрактивни дури и оние за кои порано воопшто не било исплатливо да се експлоатираат. Суштинско прашање сега е дали можат економиите во Европа да ја издржат сегашната цена на гасот и до кога. Прашање е и дали можат да издржат и владите со постојани субвенции.

Како добра опција ја посочи изградбата на Енерџи терминалот во Александрополи во Грција каде и земјава има удел, но неговата реализација се предвидува да заврши за околу две години кога треба да биде и готов и нашиот гасен интерконектор со Грција.

Енерџи терминал, прецизира, е платформа каде што ќе се носи гас и од терминалот трговците ќе го купуваат.

-Тоа е како да си ископал гас во своја земја. Наша предност од Енерџи терминалот во Александрополи е што ќе ни биде гарантирана одредена количина на гас. Земјава плаќа 10 милиони евра учество во изградбата на терминалот, а Грција веќе има свој гасовод до Александрополи, посочи Бислимоски.

Нам ни останува, додаде, да изградиме интерконективна врска со Грција за да се поврземе со нивниот оператор за гас ДЕСФА.

-И да не беше Енерџи терминалот во Александрополи ние ќе ја направевме интерконективната врска со Грција за да се приклучиме на гасоводот ТАБ преку кој се транспортира гас од Азербејџан. ТАБ ни треба за да го добиеме азербејџанскиот гас за да не зависиме само од рускиот гас кој во моментов единствено ни е достапен преку интерконекторот со Бугарија.

Ние сме една од ретките земји во моментов што 100 процентно зависат од руски гас. Затоа е добро да се направи и овој интерконектор за да имаме диверзификација, нагласи Бислимоски.

Во моментов, како што кажа, ни Германија не може целосно да го замени рускиот гас. Опција за земјава е и приклучокот што Бугарија го гради со Грција со кој ќе се поврзе на гасоводот ТАБ, кој е во завршна фаза.

-Најбитни за снабдувањето со гас се прекуграничните преносни капацитети што се на граница помеѓу државите. Поентата ми е да се искористи капацитетот што ни е слободен во гасоводот и да се даде на располагање на друг трговци ако дојде гас преку Бугарија од друго место, истакна Бислимоски.

Како добра опција го посочи и поставувањето на фотонапонски електрани на покривите на домовите и на индустриските капацитети.

-Во РКЕ неделно добиваме од 10 до 15 барања од фирми за лиценци за поставување фoтоволтаици на нивните покриви. Со измените на Правилникот за обновливи извори на енергија што ги носи Министерството за економија и во домовите ќе може да се постават фотоволтаици и да го продаваат вишокот на електрична енергија на Универзалниот снабдувач, а до сега можеа само да излезат од регулираниот пазар и да одат на либерализиран пазар, појасни Бислимоски.

Максималниот капацитет на нашиот гасовод е 800 милиони нормални кубни метри со тоа што може да се покачи до 1,2 милијарди, а во изминатата грејна сезона дојдовме до максималната потрошувачка од околу 425 милиони нормални кубни метри природен гас заради работењето на ТЕ-ТО 24 часа на ден.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Почна Пиволенд

Редакција

Од грип починал 45-годишен маж од Неготино

Редакција

Топ 10 најголеми должници на новата Листа на должници на УЈП

Редакција