еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Нема гаранции дека ова ќе биде последната промена на Уставот, вели Мицкоски за Политика

Нема гаранции дека ова ќе биде последната промена на Уставот, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешното интервју за белградска Политика, обвинувајќи ја нашата дипломатија дека не се изборила за подобри позиции и гаранции дека нема да има нови пречки за македонскиот евроинтегративен пат.

– Која е гаранцијата дека оваа промена на Устав која сега се бара од Македонија ќе биде последна? Дека нема утре да се бара промена на устав во која ќе се редефинира прашања кои се од идентитетски карактер или нема да се бара ново минимизирање и бришење на АСНОМ како темел на македонската државност.

Некои сигнали стигнуваат од Бугарија кои веќе отворено го негираат Илинденското востание и неговиот карактер и за ова повторно немаше никаква реакција од страна на Министерството за надворешни работи, наведува Мицкоски.

Одговарајќи на прашањето за пораките од високите функционери на ЕУ, како Жозеп Борел, министрите за надворешни работи на Вишеградската група, пораките од државниот секретар на САД, Антони Блинкен, и другите, дека промената на Уставот е единствениот пат на просперитет на Македонија во рамки на европските перспективи, Мицковски го повтори ставот на ВМРО ДПМНЕ.

-Ако промена на Уставот е услов за ЕУ, тогаш Македонија ќе беше членка и шампион на ЕУ, затоа што во овие триесет години имаме измени на Устав колку сите земји членки заедно. Тоа им го кажуваме јасно и гласно на нашите партнери од меѓународната заедница. Партнерството е двонасочна улица која се базира на почитување. Институционалните гаранции од страна на ЕУ се еден мал чекор за нив, но големо охрабрување за нас дека европскиот пат не е подвижна цел, туку нешто што е остварливо, кажа Мицковски.

Тој ги повтори ветувањата дадени од ЕУ пред референдумот за Преспанскиот договор, посочувајќи дека институционалните гаранции на ЕУ треба да значат дека оваа, некоја идна влада, па и владата после неа ќе има конкретен таргет што треба да исполни.

За понудата на премиерот Димитар Ковачевски за влез во владата и оставките на министрите од ДУИ, Мицковски кажа дека „нам власт, заради власт не ни треба, избори во Македонија ќе има порано или подоцна“.

– Учеството во влада во која нема да бидат дел инкриминираните структури на СДС и ДУИ може само да помогне од вадењето на државата од тонењето кое се случува секој ден. Тоа можеше само да помогне државата полесно да чекори кон реформите, но истото без јасните позиции во надворешните односи е беспредметно.

Вие може да правите реформи кои се блескави, ама на друга маса кај што инсистира Бугарија ќе бидете кочени заради историски и ретроградни наративи. Да напоменам, Владата не се произнесе за овие наши предлози, туку проба на перфиден начин да ги злоупотреби и изврти. Сега единствената опција која ни преостанува се изборите, посочи Мицкоски.

МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Демонстрантите нападнати со шишиња и камења, спречен меѓуетнички инцидент кај плоштадот Скендербег

Редакција

МНР до Софија: Одлуките на Комисијата не се насочени против правото на здружување, туку против контроверзните називи на здруженијата

Редакција

Дисциплинска постапка за две лица вработени во УБК: Пронајдена марихуана кај нив

Редакција