Министерот за здравство Венко Филипче на состанокот со претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски и д-р Сузана Маневска, на кој телефонски се консултираа со сите членови на Комисијата, попладнево одлучија дека нема да дадат препорака за нови рестриктивни мерки, соопшти Министерството за здравство.
Комисијата за разгледување на нови дополнителни мерки, како што се посочува, ќе одлучува на состанокот во понеделник, за да се даде време да се утврди дали мерките кои се веќе на сила даваат резултат.
Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викендот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд.
Како што денеска посочи министерот Филипче, мерките кои се на сила доколку доследно се почитуваат би дале резултати исто како што би дал и полицискиот час.
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести апелираат на целосно и доследно почитување на мерките кои се на сила како забрана за работа на угостителски објекти после 21 часот, групирање повеќе од четири лица во текот на 24 часа, како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори, стои во соопштението.