Неодговорни граѓани, граѓани кои даваат лажни податоци, граѓани кои се шетат во време кога треба да се во изолација, во комбинација на „сезнајковци“, кои всушност не знаат ни што е вирус, а камоли како се шири и дали постои корона вирусот или не, не ни даваат да се вратиме во нормала.
Не се грижат за себе, а бројни примери во Скопје покажаа дека не им е гајле ни за сопствените фамилии и деца.
Да не ги заборавиме и „исфрустрираните„ кои „лумпуваа“ по кафани на првиот ден од отворањето на угостиелските објекти, со што ги загрозија сите угостители, „играорците“ од Гевгелија и Чаир, христијанските и муслиманските верници, кои заборавија да го љубат ближниот свој, протестантите од Синѓелиќ…
Но, да не заборават сите овие граѓани дека се се враќа во живот. Ако не денес, утре. Вака или онака ќе го жнејат тоа што го сејат.
Наместо да уживаме во укинувањето на рестриктивните мерки и да помогнеме сите заедно да живне економијата и парите да почнат да се вртат, сега ние, кои цело време ги почитуваме мерките од здравствените власти, (не само за себе, туку и за доброто на сите наши сограѓани), поради тие граѓани треба секој ден да бидеме на штрек пак да не се вратат рестриктивните мерки, пак да се плашиме дали ќе останеме без работа, пак да се плашиме дали ќе добиеме плата…
На крај тие неодговорни луѓе може и без леб да не остават. Да не заборавиме дека сме допрва на почетокот на пандемијата, која никој не знае кога ќе заврши. Допрва не чекаат нови бранови, а најреалните прогнози се дека вакцина ќе имаме можеби дури следната година.
Властите во Македонија ич не треба да се мислат дали треба општините во кои не се почитуваат мерките да се стават во карантин. Се е изводливо технички, кога се сака и Македонија нема да измисли топла вода, зони со заразени и зони без заразени имаа и имаат многу земји.
Заради неодговорноста на одредени граѓани не треба да одговараме сите.
П.С. Секоја чест за сите граѓани во Македонија, кои се побројни од неодговорните, кои покажаа дека се луѓе. ВИ БЛАГОДАРИМЕ!
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сите четворица кои починаа од корона вирусот немале контакт со потврден случај
Чаир има повеќе активни заразени со корона вирусот отколку што Дебар имаше вкупно