еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Независни експерти на СЗО: Пандемијата на Ковид-19 e „Чернобил на 21 век“ и можеше да се избегне

Пандемијата на Ковид-19, која однесе животи на повеќе од 3,3 милиони луѓе, зарази повеќе од десетици милиони и ја уништи светската економија „можеше да се избегне“, според извештајот на независни експерти на Светската здравствена организација (СЗО), јави дописникот на МИА.

Во извештајот објавен денеска, тие го осудуваат овој вистински „Чернобил на 21. век“ и итно повикуваат на сеопфатни реформи на системите за предупредување и превенција.

– Ситуацијата во која се наоѓаме денес можеше да се избегне, рече една од копретседавачите на експертската група, Елен Џонсон Сирлиф, поранешна претседателка на Либерија.

Извештајот е остар, но тој не посочува на еден виновник, за разлика од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, за кого Кина и СЗО, за која сметаше дека е премногу мека кон Пекинг, според кој беа единствени одговорни за здравствената и економската катастрофа во која се наоѓа светот.

Напротив, „оваа ситуација се должи на огромен број неуспеси, празнини и доцнења во подготвеноста и одговорот“ на пандемијата, рече Сирлиф на прес-конференција.

„Јасно е дека комбинацијата на лоши стратешки избори, недостаток на волја за справување со нееднаквостите и лошо координиран систем, создадоа токсичен коктел што овозможи пандемијата да се претвори во катастрофална човечка криза,“ пишува во извештајот.

Воспоставен од генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, согласно резолуцијата усвоена во мај 2020 година од земјите-членки на организацијата, независната група, составена од 13 експерти, ги помина последните осум месеци испитувајќи го ширењето на пандемијата и преземените мерки од здравствената агенција и од државите да се справат со неа.

Од почетокот на кризата, СЗО беше критикувана за одговорите на кризата, вклучително и одложување на препораките за носење маски. Пред сè, таа е обвинета од САД дека била крајно мека со Кина, каде што се појавил коронавирусот, и дека го одложила прогласувањето состојба на глобална здравствена вонредна состојба. Кина е обвинета за обид за прикривање на епидемијата.

Секако, „можеме да кажеме дека има јасно доцнење во Кина, но има доцнење насекаде“, коментира поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк, која е копретседател на панелот.

– Помина многу време, забележуваат експертите, помеѓу известувањето за епидемија на избувнување на пневмонија од непознато потекло во втората половина на декември 2019 година и прогласувањето на СЗО на 30 јануари за ургентна меѓународна здравствена состојба, највисоко ниво на тревога.

За експертите, оваа декларација можеше да биде дадена на првиот состанок на комитетот за итни случаи на СЗО на 22 јануари. Но, дури и ако СЗО прогласеше вонредна здравствена состојба една недела порано, малку ќе се сменеше нешто пред „неактивноста на толку многу земји“, призна Кларк.

Бидејќи дури на 11 март, кога Гебрејесус ја нарече ситуацијата пандемија, државите навистина ја сфатија опасноста.

Во овој поглед, февруари 2020 година беше „изгубен месец“ за време на кој многу земји можеа да преземат чекори за спречување на ширењето на вирусот.

На крајот, „одложувањата, двоумењата и негирањата“ дозволија епидемијата, а потоа и пандемијата да се прошири, заклучува извештајот.

Експертската група препорачува владите и меѓународната заедница без одлагање да усвојат пакет реформи насочени кон трансформација на глобалниот систем на подготвеност, алармирање и одговор на пандемијата.

За ова, извештајот сугерира неколку патишта, вклучително и создавање на Светски совет за борба против здравствените закани, како и воспоставување на нов глобален систем за надзор заснован на „целосна транспарентност“. Овој систем ќе му даде на СЗО моќ да објави веднаш информации за епидемии кои можат да доведат до пандемија без да бараат одобрување од земјите.

Извештајот, исто така, дава низа препораки за непосредна примена за спречување на ширењето на коронавирусот, вклучително и повикување на богатите земји да обезбедат повеќе од две милијарди дози вакцини до средината на 2022 година, особено најмалку една милијарда до септември.

МИА/Фото: Photo by Ian Harber on Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Нова есенска колекција на Women’Secret: Убаво, удобно и секси

Редакција

Запознајте ги членовите на ДИК: Кој е Оливер Деркоски

Редакција

(Фото) Македонски државјанин фатен на хрватска граница при обид за шверц на 9,7 литри ракија и над 10.000 кутии цигари

Редакција