Одборот на директори на Македонска берза донесе Одлука за котација на перпетуална обврзница издадена од УНИ Банка АД Скопје на подсегментот Берзанска котација-Котација на други хартии од вредност.
Станува збор за 5.000 хартии од вредност со вредност од 1.000 евра или вкупна вредност на емисијата од 5.000.000 евра. Фиксната годишна камата изнесува 9% за првите 5 години, 11% после тој период, на износот на тековната главница.
Каматата се исплаќа полугодишно, на 22.01. и 22.07. секоја година. Каматата се пресметува во евра, а се исплаќа во денари.
Перпетуалните обврзници издадени од УНИ Банка АД Скопје се хибриден финансиски инструмент со специфични карактеристики, кој е новина на домашниот пазар на хартии од вредност и во македонскиот финансиски систем воопшто.
Специфичните карактеристики на овој финансиски инструмент произлегуваат од тоа што овие хартии од вредност немаат рок на достасување, можноста издавачот да ја откаже исплатата на камата во било кое време, како и од можноста издавачот, целосно или делумно, да ја намали номиналната вредност на обврзниците, доколку настанат определени околности.
Оттука, истите се примарно наменети за инвеститори кои имаат доволно знаење и искуство за вложување во вакви финансиски инструменти, односно како што е наведено и во Проспектот за котација на овие хартии од вредност:
„Обврзниците се сложени финансиски инструменти кои не се соодветни за одредена категорија инвеститори.
Потенцијалните инвеститори не треба да инвестираат во обврзниците, освен доколку: располагаат со доволно знаење и искуство со цел издржана проценка на обврзниците и разбирање на придобивките и ризиците од инвестирање во обврзниците; имаат пристап и располагаат со знаење за соодветни аналитички алатки, со цел проценка на инвестицијата во обврзниците; располагаат со доволно финансиски средства и ликвидност со цел справување со ризиците на инвестирањето во обврзниците, вклучувајќи ја и можноста за тоа дека може да дојде до губење на целокупниот износ на главницата на обврзниците; темелно ги разбираат условите за издавање на обврзниците и се запознаени со однесувањето на финансиските пазари.“, информират од берзата.
Повеќе детали ТУКА.