еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Обнова на пистата на скопскиот аеродром од 28 март, ќе трае 50 дена без затворање

ТАВ Македонија како дел од инвестицискиот план за проширување и реновирање на македонските аеродроми, почнувајќи од 28 март до 16 мај годинава, во период од 50 дена, ќе врши рехабилитација на пистата на Меѓународниот зеродром Скопје, информираат од таму.

Авиосообраќајот во текот на овој период ќе се одвива од 17:00 часот попладне, до 9:00 часот наутро, секој ден.

Од ТАВ Македонија информираа дека планирани во консултација со сите чинители и засегнати страни, градежните работи за рехабилитацијата, ќе се изведуваат без затворање на аеродромот и со минимално влијание врз авиосообраќајот.

– Рехабилитацијата на пистата значи дека практично ќе го обновиме горниот слој на асфалтот на пистата, па затоа, во текот на овој период, меѓу 9:00 и 17:00 часот, од 28 март до 16 мај, 2022 година, на пистата ќе се изведуваат градежни работи.

Секој ден, во споменатиот временски период, ќе се рехабилитира еден дел од вкупната должина на полетно-слетната патека, со цел аеродромот да остане оперативен, односно, да можеме нормално да ги опслужуваме летовите во текот на останатиот период од денот, од 17:00 до 9:00 часот, вели во пишана изјава генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Како што нагласува Батак, скопскиот аеродром нема да биде затворен за време на рехабилитацијата на пистата, односно ќе биде отворен за патници 24/7, како и секогаш.

– Како и во текот на целиот период за време на ковид-пандемијата, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродром 3-4 часа пред закажаното време на заминување на нивниот лет, подготвени со потребните документи за патување во однос на ковид, во консултација со авиокомпанијата со која патуваат и со амбасадата на странската земја каде што ќе патуваат, посочува Батак.

Тој објаснува дека ТАВ Македонија ја има донесено одлуката за рехабилитација на пистата на скопскиот аеродром во консултација со сите авиокомпании што летаат од скопскиот аеродром, како и со Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, како и со сите даватели на услуги.

– Целта на ТАВ е градежните работи за рехабилитација да се завршат со минимално влијание врз авиосообраќајот, истакнуваат од компанијата.

Како што објаснија, кога на еден аеродром се вршат ваков тип рехабилитации или реновирања на писта, има две опции – или аеродромот целосно да се затвори за сообраќај, за одреден период додека се вршат градежни работи, или да се следи модел со кој градежните работи ќе се одвиваат секој ден, во претходно дефиниран период од денот, додека остатокот од денот авиосообраќајот да се одвива нормално.

„Ние, ја избравме втората опција, иако може да е понапорно за нас, но сакавме да одржиме непречен авиосообраќај за сите клиенти – авиокомпаниите и патниците. Би сакал да се заблагодарам на авиокомпаниите и на сите владини институции за нивната блиска соработка во текот на планирањето на овој процес со цел истиот да има минимално влијание врз авиосообраќајот.

Ние постојано работиме заедно со сите чинители, со цел да го утврдиме Меѓународниот Аеродром Скопје како најдобар аеродром во регионот во однос на квалитет на услугите и овие инвестиции придонесуваат за долгорочен развој на аеродромот и на македонскиот авиосообраќај, истакнува Батак.

Пистата на Меѓународниот аеродром Скопје е долга 2.950 метри и е широка 45 метри. Последната реконструкција на пистата на скопскиот аеродром е направена во 1996 година, кога градежните работи се изведувале во поголема длабочина на асфалтот за разлика од сега, кога само горниот, површински слој од асфалтот ќе се рехабилитира. Тогаш, аеродромот бил затворен 2,5 месеци, а целокупниот сообраќај бил префрлен на охридскиот аеродром.

ТАВ Македонија ги советува патниците редовно да ги следат и проверуваат веб-страниците на авиокомпаниите, со цел да ги видат најновите ажурирања за летовите за нивната сакана дестинација од Меѓународниот aеродром Скопје во периодот од 28-ми март до 16-ти мај 2022 година.

На веб-страницата на Меѓународниот аеродром Скопје, во секцијата „Летови” (пристигнувања/заминувања) редовно и во реално време се ажурираат сите информации и евентуалните промени во редот на летање на авиокомпаниите, како што ТАВ Македонија ги добива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Актерот Алек Болдвин на филмски сет уби директорка на фотографија и го рани режисерот

Редакција

(ВИДЕО) Наркотиците во македонската политика не се новина: Како Љубчо Георгиевски го обвини Бранко Црвенковски дека се „трезни„ со кокаин

Редакција

Од Ковид-19 починале 21 лице, вкупно до сега 8.383

Редакција