Во јануари 2022 година ќе се вклучи и вториот котел во ТЕЦ Неготино и третиот блок во РЕК Битола, информира директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Ковачевски посочи дека со максимално ангажирање на сите производни капацитети, ќе се обезбеди снабдување за грејната сезона, а од енергетската криза ќе излеземе без рестрикции, вложувајќи напори да се избегнат ситуациите кои веќе се случуваат во околните земји во однос на снабдувањето со електрична енергија.
При увид на работата на АД ТЕЦ Неготино, Управниот одбор на АД ЕСМ информира дека термоелектраната непрекинато произведува електрична енергија од 18 декември и работи со половина капацитет, односно со еден котел со цел прилагодување и стабилизирање на системот по повеќегодишната пауза.
Генералниот директор на АД ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, изјави дека термоелектраната континуирано работи веќе десет дена и не очекува проблеми во следниот период, како и дека во план е целосно да се реализира договорот за деловно-техничка соработка со АД ЕСМ во однос на производството на електрична енергија од овој капацитет.
Фото: ЕСМ