Најголемиот турски воен брод, што неодамна беше пуштен во употреба, ТГЦ „Анадолија“ (TGC Anadolu) вчера исплови од Босфор на пат кон Црното Море.
Граѓаните, покрај брегот на Истанбул, внимателно го следеа преминот на бродот, пишува Klix.ba.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емина Ердоган го гледаа бродот од претседателската палата, придружувани од деца од јужните провинции на Турција погодени од земјотресот.
Во обраќањето до екипажот на бродот, Ердоган кажа дека планираат во наредниот период да изградат уште поголем брод.
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар и високи турски воени команданти додека бродот минуваше низ теснецот беа на него, а беа придружувани од хеликоптери на турските воздухопловни сили.
Изградбата на бродот значително ги зајакнува поморските способности на Турција и оваа земја ја прави една од ретките нации во светот со домашен носач на авиони.
Исто така, ТГЦ „Анадолија“ е повеќе од првиот турски носач на авиони, бидејќи тој ќе биде и првиот брод во светот со воздухопловни сили, што претежно ќе бидат составени од беспилотни летала.
ТГЦ „Анадолија“ е десантен хеликоптерски јуришен брод (LHD), од амфибиски тип, темелен на шпанскиот брод „Хуан Карлос I“. Долг е 231 метар и широк 32 метри. Има максимална брзина од околу 21 јазол, досег од 9.000 наутички милји и може самостојно да работи на море 50 дена.
МИА/Фото: Turkish Defence Agency/видео: TRT World