Од утревечер на Пониква почнува сезоната за ноќно скијање, што ќе се реализира на двете патеки што располагаат со ски-лифтови.
Концесионерот на терените на Пониква, фирмата „Еурокомерц“ од Кочани, информираше дека патеките број 1 и 3 се подготвени со користење наменска машина – ратрак, а на посетителите им се нудат дополнителни можности за рекреација.
-Последните врнежи од снег и ниските температури придонесоа снежниот слој да се задржи со доволна цврстина, така што љубителите на скијањето можат да уживаат и во текот на ноќните часови.
Скијачките патеки ќе бидат отворени до 20 часот, осветлени се и соодветно обележани, а во функција се ставени и двата ски-лифта. Посетителите можат да изнајмат опрема за скијање или санкање, а цената на ноќниот билет е 500 денари за двете патеки, истакна Благој Манев, директор на „Еурокомерц“.
Во зависност од временските услови се планира ноќното скијање да продолжи во текот на целата зимска сезона, а по потреба дополнително ќе се анагажираат и топовите за производство на вештачки снег.
Ноќното скијање на Пониква беше воведено пред три години со реконструкцијата на ски-лифтовите и осветлувањето на патеките, а целта на Локалната самоуправа на Кочани е да се овозможи подолго користење на капацитетите на рекреативниот центар и подобрување на условите за развој на планинскиот туризам.
МИА/Фото: Унсплаш