По повод 45-годишен јубилеј на ОКТА, а во рамки на повеќегодишната општествено одговорната платформа #ЈасВнимавам, компанијата во соработка со Центарот за кариера при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, објави награден конкурс за изработка на идеен проект за иновативно решение на фотоволтаичен полнач и паркинг за велосипеди и електрични тротинети, информираат од таму.
Наградениот проект ќе биде изграден во рамки на кампусот на УКИМ, како донација од ОКТА.
Конкурсот е наменет за тимови составени од студенти на Архитектонски факултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Градежен факултет и Машински факултет, кои своите пополнети пријави за учество треба да ги достават до Центарот за кариера на УКИМ, најдоцна до 12 април 2023 година.
Повеќе детали во врска со отворениот конкурс, како што се правилата за учество, насоките за изработка на проектот, образецот за пријавување и останатите потребни информации за заинтересираните тимови, се објавени на интернет страниците на ОКТА и УКИМ.
„Оваа 45та јубилејна година од своето постоење, ОКТА ќе ја одбележи со низа од општествено одговорни активности поврзани со стратегијата на компанијата за енергетска трансформација и одржлив развој.
Во тој контекст и во таа функција е и овој награден конкурс, со којшто ги повикуваме студентите од соодветните факултети да се вклучат. Нивната креативност и знаење ќе бидат клучни во изградбата на овој соларен полнач и паркинг за велосипеди, којшто OKTA ќе го донира на УКИМ“, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА АД – Скопје.
Тимовите кои во предвидениот рок ќе се пријават за учество на конкурсот ќе имаат задача најдоцна до 31 мај 2023 година да го подготват и достават својот идеен проект. Предложеното иновативно решение треба да содржи фотоволтаичен систем за полнење на електрични велосипеди, тротинети и останати електронски уреди, како и дополнителен простор за одмор и релаксација на корисниците.
„Во името на Центарот за кариера на УКИМ сакам да упатам голема благодарност до ОКТА за овој исклучително полезен проект и истовремено да упатам апел до сите студенти од техничките факултети на УКИМ да ја искористат оваа можност и на дело да ги покажат своите способности за тимска работа, стекнатото знаење во текот на студирањето и креативноста“, вели професор д-р, Јасмина Тониќ Рибарска, раководител на Центарот за кариера при УКИМ.
Донацијата на соларниот полнач и паркинг за велосипеди и електрични тротинети е дел од општествено одговорната платформа на ОКТА, #ЈасВнимавам, чија главна цел е поттикнување повисока општествена свест за лична и колективна безбедност во сообраќајот. Во 2017 година оваа платформа беше прогласена за најдобра национална општествено одговорна практика, по што компанијата продолжи континуирано да реализира бројни активности посветени на безбедноста во сообраќајот.
Во рамки на одбележувањето на 45-годишниот јубилеј на ОКТА, оваа година предвидени се повеќе проекти и донации поврзани со определбата на компанијата за одржлив развој и трансформација кон обновливи извори на енергија, велат од таму.