еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Ондер Хасдемир, комерцијален директор на Diamond Mall: Ќе понудиме уникатни опции за забава и разновидна понуда на можности за дружење

Ондер Хасдемир, комерцијален директор на Diamond Mall во интервју за еМагазин вели дека од стартот на изградбата на новиот трговски центар, кој е дел од комплексот Diamond of Skopje, со огромна посветеност се работи на негово поврзување со природата и целокупниот простор.

Уникатното позиционирање на Diamond Mall и ексклузивната локација на само 500 метри оддалеченост од главниот градски плоштад во Скопје, се главните предности на новиот трговски центар.

Во центарот на главниот град забрзано се гради новиот трговски центар Diamond Mall кој е дел од мултифункционалниот комплекс Diamond of Skopje. Кажете ни нешто повеќе за овој проект.

Diamond Mall е еден од главните делови на мултифункционалниот комплекс Diamond of Skopje, лоциран во строгиот центар на градот. Според нашите планови, во март следната година ќе почне со работа и сите љубители на шопингот од земјава и пошироко ќе можат да уживаат во околу 180 продавници со различни содржини.

Вкупната површина за изнајмување во новиот трговски центар изнесува 48.000 квадратни метри. Големината на трговскиот центар е прилагодена за Скопје и регионот, со тоа што ќе нуди задоволителен број на брендови и лесна навигација низ трговскиот центар.

Во денешно време, купувачите сакаат да го најдат вистинскиот избор на брендови на едно место, но без напор. Со неговата оптимална големина и со дизајнот кој е прилагоден на потребите на купувачите, Diamond Mall совршено одговара на ваквите барања и навики на купувачите.

Но, она што овој трговски центар го прави уникатен е неговата поврзаност со природата и со целокупниот простор на кој се протега, создавајќи една нераскинлива целина. Имено, како што камчињата во реката создаваат пат за водата, така отворените, полуотворените простори и премини предложени во проектот ги поврзуваат околните станбени и деловни области со содржините на Diamond of Skopje, но и меѓу себе, обединувајќи го урбаното ткиво во центарот на главниот град.

Трговскиот центар и проектот ги изработува „Лимак“, која е една од најголемите градежни компании во светот. „Лимак“ е и добро познат по изградбата и управувањето со големи сообраќајни центри и патна инфраструктура како аеродроми, железнички станици, мостови и автопати. Стручноста и финансиската моќ на „Лимак“ играат важна улога во целокупниот успех на проектот.

По што ќе биде уникатен новиот Diamond Mall, какви содржини ќе понуди?

Главната одлика на Diamond Mall е неговото уникатно позиционирање, бидејќи ние не градиме обичен трговски центар, туку „дестинациски центар за живеење“ што е нов пристап во развојот на комерцијалните недвижности. Овој пристап станува сé поважен, особено по влијанието на ковидот.

На луѓето повеќе не им треба истиот тип на физички малопродажни места, бидејќи сé што им е потребно можат да купат онлајн лесно и многукратно поевтино, па тие сé повеќе бараат опции за забава и дружење.

Diamond Mall е поставен на три главни столбови: одличен трговски центар, уникатни опции за забава и разновидна понуда на можности за дружење. Трговскиот центар ќе нуди многу врвни брендови за секоја категорија производи, а исто така и некои сосема нови брендови.

Опциите за забава се уникатни не само за главниот град, туку и за регионот, бидејќи во внатрешноста на трговскиот центар буквално градиме центар за забава, наречен „Dream Zone“, со вкупна површина од 7.000 квадратни метри. „Dream Zone“ ќе се состои од многу популарни теми од светот на забавата и ќе биде наменет за различни возрасни групи, почнувајќи од мали деца до возрасни.

На крајот, но исто толку важно, разновидната понуда на места за дружење е една од клучните предности на Diamond Mall, бидејќи проектиравме огромен отворен простор, „Gourmet Avenue“, посветен на кафулиња, ресторани и барови. Нашата цел е да создадеме омилено место за средби во градот и да овозможиме нашите гости да уживаат во одлични вкусови со семејството и со пријателите.

Секако, проектот има неспоредлива предност, а тоа е ексклузивната локација. Ние сме оддалечени само 500 метри од главниот градски плоштад и сме позиционирани во самиот центар на густо населена станбена и деловна област, што е многу важно за сите посетители лесно да пристапат до трговскиот центар во текот на денот и во кое било време од неделата.

Тоа не е ништо поразлично од изведба на ваков проект во непосредна близина на Шанзелизе во Париз или на плоштадот Трафалгар во Лондон. Ексклузивната локација на проектот ќе ни помогне да создадеме жива и привлечна средина за посетителите, но и за оние што тука ќе живеат и работат.

Чагри Шерен, проект менаџер на „Лимак“
Куртхан Апајдин, главен извршен директор на „Лимак Скопје“
Ондер Хасдемир, комерцијалн директор на „Diamond Mall“

Дали веќе имате договор со одредени брендови, можеме ли да очекуваме нов бренд на пазарот?

Во моментов сме пред финализирање на најновите договори со брендовите. Како што може да се очекува, ќе ги имаме сите атрактивни и популарни брендови што се познати на пазарот, но и некои нови што за прват пат ќе ги промовираме тука. Веќе летово, веруваме дека можеме да почнеме да ги споделуваме со јавноста. Ќе има нови брендови кои ќе ги изненадат и ќе ги израдуваат купувачите.

За колкава инвестиција станува збор?

Вкупната инвестиција е во висина од 250 милиони евра и станува збор за уникатен проект според многу параметри. Diamond of Skopje е спој на деловни, угостителски, шопинг и резиденцијални елементи, како и подземна сообраќајница, која ќе обезбеди важно сообраќајно решение за овој дел од централното градско подрачје.

Конкретно, покрај трговскиот центар, повеќенаменскиот комплекс се состои од четири станбени кули со вкупно 772 станбени единици, деловни простории, хотел со пет звездички, кој веќе успешно работи, и подземен тунел со должина од 800 метри и со по две ленти во секој правец.

Инвеститор и изведувач на проектот е „Лимак“, меѓународна групација, која во своето портфолио вклучува компании од областа на туризмот, енергетиката, градежништвото и инфраструктураа и вработува преку 60.000 луѓе. Станува збор за сериозна компанија, која е меѓународно етаблирана по квалитетот и високите стандарди што ги применува во работењето и тоа е значаен фактор за успешната реализација на проектот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од корона вирусот заболеле 718 здравствени работници, од нив 4 починале

Редакција

Повеќе мажи, најмногу на возраст од 40-49 години, детали за новите случаи на заразени со корона вирусот

Редакција

22-годишно момче прегази пешак на патот Куманово-Крива Паланка, кој почина

Редакција