Оштетените штедачи од Еуростандар банка, денеска преку соопштение побараа државата да најде начин да ги обесштети, а потоа, како што велат, да влезе во стечајната маса и да расчисти со криминалот и да ја впаричи стечајната маса преку наплата на личниот и имотот на семејствата кои биле вклучени во криминалот.
Според нив, Народната банка и останатите релеванти државни институции се одговорни најмалку поради фактот што не реагирале со време да го заштитат нашиот личен имот – парите на физичките лица и фирми депоненти на банката и дозволиле, потенцираат, да бидеме ограбени во целост.
-Извештајот од стечајниот управник покажува дека во време на пандемија сме оставени на немилост на државата, крадците од банката и фирмите преку кои се делеле нашите пари. Фактите од извештајот покажуваат и дека оваа стечајна постапка нема да биде ниту брза, ниту лесна токму поради огромниот криминал којшто е направен.
Поради сето тоа, државата мора да најде начин да не обесштети нас депонентите, а потоа да влезе во стечајната маса и да расчисти со криминалот и да ја впаричи стечајната маса и преку наплата на личниот имот и имотот на семејствата на крадците од банката, а и сите останати кои биле вклучени во криминалот, наведуваат од Здружението.
Оттаму додваат дека такви и слични примери има многу во европските земји кои во целост ги обесштетиле граѓаните и фирмите депоненти на пропаднати банки.
Нашата држава, според нив, треба да покаже дека заслужува да биде дел од тоа европско семејство со справување на криминалот и корупцијата од овој голем скандал како прва лекција од претпристапните преговори.
Најавуваат дека нивната борба продолжува додека не стигнат до конечната цел.