еМагазин
Image default
Бизнис

За три месеци осигуреници наплатиле 16 милиони евра, бројот на исплатени штети пораснал за 30%

За три месеци осигурителните компании исплатиле речиси 23.000 оштетни побарувања, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Најголем раст на вредноста на исплатени штети за покривање медицински трошоци има кај приватното здравствено осигурување, а најголем процентуален раст има кај исплатите за штети покриени со патничко осигурување. Исплатите во најголемата доброволна класа – осигурување имот пораснале за 17% во споредба со истиот период лани

Единаесет осигурителни компании за неживотно осигурување исплатиле 978 милиони денари (15,9 милиони евра) за настанати штети на свои осигуреници во првите три месеци годинава. Во првите 90 дена годинава осигурителните компании исплатиле речиси 23.000 штети на осигуреници и тоа е 30 отсо повеќе од истиот период 2021 година.

Најголемо учество во структурата на исплатените штети очекувано има најголемата осигурителна класа – задолжителната автомобилска одговорност (ЗАО), која е обрврзувачка со закон. Вредноста на исплатените штети за ЗАО изнесува 473 милиони денари (7,7 милиони евра) и тоа е 48 отсто од вредноста на сите штети платени во овој период. Во споредба со истиот период лани вредноста на исплатените штети е зголемена за 4 отсто.

Најголем раст на вредноста на исплатените штети повторно има кај приватното здравствено осигурување. Осигурениците наплатиле 84,5 милиони денари (1,4 милиони евра) трошоци за медициски предгледи и лекување за период од три месеци. Тоа е за 94 отсто (690.000 евра) повеќе од истиот квартал минатата година. Од почетокот на корона кризата пред две години ова е најбрзорастечки осигурителен производ.

Значаен за истакнување е растот и на исплатените штети кај најголемата доброволна осигурителна класа – осигурувањето имот. До крај на март годинава се исплатени речиси 1.800 оштетни побарувања за осигуран имот во вредност од 116 милиони денари (1,9 милиони евра). Тоа се 17 отсто повеќе исплатени средства во однос на истиот период 2021 година.

Патничкото осигурување има најголем релативен раст на вредноста на исплатени штети. Очигледно дека укинувањето на ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија охрабри повеќе осигуреници да патуваат надвор од земјава. Во првите три месеци друштвата за осигурување исплатиле речиси 2,5 пати повеќе пари за штети покриени со патничко осигурување. Нивната вредност достигна 13,7 милиони денари (223.000 евра).

Вредноста на сите исплатените штети за неживотно осигурување во периодот јануари – март годинава е за 6 отсто повисока во однос на истиот период лани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Комерцијална банка планира добивка од 31 милион евра и помал број на вработени во 2020 година

Редакција

„Енерџи актив“ го доби тендерот на ГТЦ за набавка на струја вреден 863.000 евра

Редакција

За половина денар поскапи бензините, за исто толку поевтин дизелот

Редакција