еМагазин
Image default
Македонија

Османи денеска во Софија на разговори со Борисов и Захариева

Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска ќе престојува во работна посета на Република Бугарија и ќе оствари средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и заменик-претседателката на Владата за правосудна реформа и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Посетата, како што соопшти МНР, претставува прва билатерална посета на министерот Османи и е во духот на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји и интензивирањето на политичкиот дијалог.

-На средбата ќе се разгледаат можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на инфраструктурата, здравството, одбраната, туризмот, образованието, културата, како и сите други области во кои се остварува успешна соработка согласно напорите за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, стои во соопштението.

Министерот Османи со премиерот Борисов и со Захариева ќе разменат мислења за напредокот на регионот во процесот на европската интеграција, како и за активностите кои и претстојат на Република Северна Македонија, напредокот на реформскиот процес и одржувањето на првата Меѓувладина конференција и формалното започнување на пристапните преговори со ЕУ до крајот на годината, за време на германското претседавање со Советот на Европската Унија.

Како ко-претседавачи со Берлинскиот процес, министерот Османи со својот домаќин, министерката Захариева ќе ги разгледаат досега преземените и идни ангажмани во пресрет на состаноците и Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи на 10 ноември во Софија, се наведува во соопштението на МНР и се додава оти ќе се разговара и за актуелните состојби во регионот, регионалната соработка и други значајни меѓународни теми.

Посетата на Османи на Софија е претходница на средбата на премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов што треба да се случи пред 10 ноември, односно пред одржувањето на Берлинскиот процес.

Османи во вторникот на прес-конференција изрази очекување дека на средбата ќе стане збор за сите прашања, како што рече, во поддршка на создавање услови за непречена работа на Мешовитата експертска комисија дури и во време на рестриктивните мерки на пандемијата, како и отстранување на сите пречки за засилена политичка, но и економска соработка помеѓу двете земји.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Села: Алијанса на Албанците не е на пазар и не се продава, оди сама на избори

Редакција

Павле Богоевски и официјално поднесе оставка од пратеничката функција 

Редакција

Затвореник во КПУ Идризово позитивен на Ковид – 19, во изолација десет затвореници

Редакција