еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Остаревме „барајќи“ јунак да ја купи македонската Пошта

Ќе се најде ли компанија која би ја купила или би влегла во јавно-приватно партнерство со македонската Пошта (Пошта на Северна Македонија или Национална пошта) е прашање што заслужува внимание откако Владата на последната седница ги утврди измените на Законот за поштенските услуги и иницира поодготовка на физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно приватно партнерство или со приватизација.

Тешко е да се пребројат сите најави од различни владеачки гарнитури за продажба на поштата во изминативе децении. За овој период, наместо либерализирање на пазарот и осовременување на работата на поштата, оваа државна компанија трпи загуби и е мета на обвинувања за партиски вработувања.

ПЕНАЛИ ЗА КАНАЃАНИТЕ

Уште во 2009 година имаше најави за продажба на компанијата на Канадската пошта. Меѓутоа, државата од необјасниви причини се откажа од оваа зделка и за тоа плати пенали од 208.494 канадски долари.

Државата и претставниците на “Канадска пошта” преговараа две години, за на крајот тогашната Влада да одлучи дека не ни се потребни Канаѓаните, кои важеа за светски лидер во поштенското работење.

До ова сознание дошол Државниот завод за ревизија при финансиската контрола на јавното поштенско претпријатие, кога открил дека тогашна „Македонска пошта“ исплатило на Канадска пошта голема сума пари, и тоа по писмен налог на Министерството за транспорт и врски, но без одобрение на Владата, кршејќи го Законот за јавни претпријатија и член 17 од Законот за поштенските услуги.

ЗАГУБИ И МЕНАЏЕРСКИ ОСИГУРУВАЊА

Од Државниот завод за ревизија неодамна утврдија и дека во услови кога Македонската пошта (АД Пошта на Северна Македонија) тоне во наталожени загуби тешки повеќе од 10 милиони евра, се трошат пари договори за менаџерско осигурување.

Ревизорите открија дека од 2012 година заклучно со крајот на 2018 година, поштата има акумулирано загуба од 594 милиони денари или околу 10 милиони евра, а само во 2018 година загубата изнесувала 166 милиони денари.

И покрај ваквата состојба била донесена одлука за склучување договори за менаџерско осигурување.

„Износот на искажаната загуба укажува на фактот дека финансиската состојба на друштвото е значитено влошена, па поради тоа произлегува дека и трошоците од склучување на менаџерско осигурување во такви услови не би биле целисходни.

Но и покрај тоа, Надзорниот одбор одобрил склучување договори и полиси за осигурување за периодор од 01.04.2018 до 01.04.2019 година. Од страна на осигурителната компанија по овој основ е доставена фактура од 2,7 милиони денари, која е платена“, пишува во извештајот.

Ревизорите укажуваат дека во услови да не се случат договорените случаи на осигурани настани, платениот износ на премијата за осигурување се исплатува на сметка на осигурениците наместо на сметка на Поштата која ја платила премијата за осигурување.

ГИГАНТСКИ МОНОПОЛ

Поштата е една од најголемите компании во Македонија која според последните податоци од Агенцијата за пошти лани имала над 2.100 вработени лица.

Со поштата долги години раководат кадри на ДУИ, а во јавноста повеќе пати имало обвинувања дека оваа компанија служи како параван за партиски вработувања.

Инаку, поштата трпи загуби иако има монопол на пазарот за пратки до 50 грама за коренсподенција во внатрешниот поштенски сообраќај и кои пристигнуваат од меѓународниот поштенски сообраќај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За првпат во државата Клиника Жан Митрев ќе спроведе бесплатен скрининг за канцер на бели дробови

Редакција

Кои се раните знаци за рак на дебелото црево?

Редакција

Нови 722 случаи на Ковид-19 од 3.701 тестирања

Редакција