еМагазин
Image default
Спорт

Осум медали за каратистите на „Макпетрол“ на „Гран при Сараево“

Главниот град на Босна и Херцеговина викендов беше домаќин на „Топ-тен турнир“ со најдобрите светски каратисти, како и на „Гран при Сараево“, собир на којшто учествуваа стотина клубови и над 1.000 спортисти, меѓу кои и членови на „Макпетрол“ од Скопје.

На топ-тен турнирот имаше 12 учесници од девет држави, а претставници на Македонија беа Петар Заборски и Емил Павлов.

Учесниците беа поделени во четири групи со по три спортисти, најдобриот од групата одеше во полуфиналните борби. Петар Заборски првиот меч го загуби од треторангираниот на светската ранг-листа и третопласиран на последното светско првенство во Дубаи, азербејџанецот Асиман Гурбанли.

Во второто соочување Заборски го победи Риад Џухо од БиХ, но тоа не беше доволно за да помине во вториот круг од турнирот. Емил Павлов, пак, ги загуби двата меча, прво од Ерман Елтемур од Турција, а потоа и од крајниот победник на турнирот, Енес Гарибовиќ од Хрватска.

На „Гранд при Сараево“, пак, каратистите на „Макпетрол“ освоија осум медали од кои четири златни и четири бронзени. Со златни признанија се закитија Јована Мицовска, (јуниорки – 59 кг.), Стефан Стојановиќ (+ 84 кг., У21 и сениори), Димитар Лозановски (јуниори -76 кг.) и Викторија Јовановска (У21, – 68 кг.).

Бронзени одличја освоија: Mарија Петровска (-50 кг.), Викторија Јовановска (сениорки, -68 кг.), Моника Пендаровска (сениорки, -61 кг.) и Давид Петков (сениори, -75 кг.).

– Учеството на овој турнир беше успешно, освоивме осум медали и презентиравме врвно и модерно карате. Направиме уште една значајна контрола на спортската форма на нашите членови. Младите репрезентативци, кои треба да земат учество на претстојното европско првенство во Прага, Стефан Стојановиќ, Јована Мицовска и Марија Петровска имаа добро претставување.

Особено би ја издвоил младата јуниорка Јована Мицовска, таа имаше пет победи во својата категорија и покажа дека моментно е најдобра млада каратистка во регионот. Нашиот сениор Петар Заборски, имаше одлично преставување и настап на турнирот каде што имаше само 12 учесници и секој секого победи, едноставно, немаше непоразен учесник. Тоа докажува дека учесниците беа максимално мотивирани за да ги покажат своите мајсторски техники – изјави тренерот на карате клубот „Макпетрол“, Бошко Заборски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Најдобрата македонска судиска двојка Начевски – Николов меѓу осомничените од Спортрадар за местење натпревари

Редакција

Огњан Циговски избран за претседател, а Јусуф Абдулаи за потпретседател на Скијачката федерација на Македонија

Редакција

Каратистите на „Макпетрол“ освоија седум медали на престижниот „Кроација опен“

Редакција