По четврти пат отворен интернационалниот повик DANCELAB 2019, на кој може да аплицираат млади кореографи ширум светот.
Под уметничко водство на македонскиот амбасадор во танцот, Рисима Рисимкин, DANCELAB е престижен меѓународен натпревар и е дел од Танц Фест Македонија кој следната година ќе го прослави својот 15-годишен јубилеј.
За учество на натпреварот може да аплицираат кореографи до 35 години со своја оригинална кореографија во времетраење од најмалку 7, а најмногу 13 минути, на слободна тема, со обработка на иновативни идеи во полето на современиот танц.
Аплицирањето се врши електронски, на официјалната веб страница на Танц Фест (www.dancefestskopje.com.mk) и трае до 15-ти јануари, 2019 година.
„Многу се радувам, пред се на јубилејот кој Танц Фест ќе го има следната година – 15 години Танц Фест. Сметам дека овој фестивал направи извонреден чекор во позиционирањето на современиот танц во Македонија, а секако ТАНЦЛАБ – Интернационалниот натпревар за млади короеграфи е дел од придобивките на овој фестивал.
Очекуваме голем број на пријави, според сознанијата од последната апликација, во 2015 година, и се надеваме дека на 5-ти и 6-ти април, 2019 година, во рамките на јубилејното издание на Танц Фест, нашата публика ќе има можност да ужива во творештвото и креациите на млади од целиот свет. Нека победи најдобриот!“, истакна Рисима Рисимкин, уметнички директор на Танц Фест Македонија.
Рисимкин и Танц Фест Македонија по четврти пат ќе бидат домаќини на кореографи од ширум светот, кои на натпреварот ќе бидат оценувани од интернационално жири, составено од еминентни имиња со светска репутација во полето на танцот.
Наградата на натпреварот е „Златна пеперутка“ и се доделува во категоријата „најдобра короеграфија“. Добитникот на „Златна пеперутка“, ќе има ексклузивна можност да создаде оригинално уметничко парче за Скопје танцовиот театар.
На последното издание на DANCELAB, „Златната пеперутка“ му беше доделена на Fabio Liberty од Италија.