еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Отворени новите простории на бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје

Со отворање заедничка изложба на уметници од Македонија и Бугарија, насловена „Заедно“, денеска свечено беа пуштени во употреба новите простории на бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје.

Отворањето на новите простории беше извршено во присуство на министрите за култура на Македонија и Бугарија, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Велислав Минеков.

Бугарскиот министер на свеченоста напомена дека Бугарија обрнува особено внимание на културните односите со партнерите од Западен Балкан, а особено големо значење му дава на развивањето на соработката со Македонија.

Тој додаде дека согласно обновената програма за соработка во областа на културата меѓу Бугарија и Македонија 2022 – 2025 за зајакнување на партнерството меѓу културните кругови, предвидени се средства за заеднички културни проекти, кои ќе бидат претставени како во земјава, така и во Бугарија.

– Радува фактот што Министерството за култура на Бугарија со помош на бугарскиот Културно-информативен центар создава услови за заедничка културна програма, која е дел од заедничкиот културен календар меѓу двете држави, рече Минеков, кој додаде дека соработката ќе се зајакнува во сферите на балетот, литературата, скулптурата, ликовната уметност, музиката…

Тој нагласи дека културата е оној мост, преку кои „сите ние имаме можност да се зближиме уште повеќе и да работиме рамо до рамо за да ги оствариме заедничките цели“. Минеков додаде дека ова е можност за натамошно развивање на културната дипломатија меѓу двете држави.

Костадиновска-Стојчевска пред присутните изјави дека во новите простории на бугарскиот КИЦ во Скопје посакува да се всели нова енергија во македонско-бугарските културни релации и со убава емоција да се разгори страста за уметничка креативност, како поле за културен напредок, во кој победник е културата.

– Бугарскиот КИЦ во Скопје и македонскиот во Софија ја имаат таа цел да не поврзат, да не едуцираат едни за други и преку културата да не доближат и како народи и како пријатели и во името на тоа пријателство отворете ги ширум портите на културата, рече министерката за култура.

Директорката на бугарскиот КИЦ, Антонија Велева истакна дека присуството на бугарски и македонски претставници на отворањето на новите простории е важно за да се покаже оти културата е важна за нашите две општества и е оној сектор од билатералните односи меѓу двете држави, кој не зближува.

– Овој центар и оваа галерија во која се наоѓаме во моментов и отворената галерија со која располагаме претставуваат можност за претставување на голем број заеднички културни проекти на уметници од двете држави.

Наша желба е КИЦ на Република Бугарија тука во Скопје да биде една од институциите со поддршка на двете министерства за култура, која ќе овозможи потесна соработка и запознавањето на претставниците од културните кругови на двете земји, додаде таа.

Таа информира и дека бугарскиот КИЦ, заедно со КИЦ на Македонија во Софија планираат спроведување еден заеднички проект, кој ќе се одржи кон крајот на оваа година и почетокот на следната, а е насочен кон претставување на млади музичари од двете држави.

Бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов изјави дека задача на дипломатите на двете држави е да работат на изградба на мостови меѓу двете држави, а бугарскиот КИЦ, како што рече е еден европски мост, преку кој ќе се овозможи поголемо зближување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Бугарскиот пратеник и од Скопје порача дека Македонија е втора бугарска држава

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Времето денеска сончево со ниски утрински температури

Редакција

Метлата на Заев ќе зафати министри, заменици и директори, а промени ќе има и во СДСМ

Редакција

Бензините поскапуваат за денар ипол, а дизелот за два денари

Редакција