еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Петта трансплантација на срце кај 66-годишен пациент и две на бубрези кај двајца 40-годишни пациенти

Петта трансплантација на срце и две трансплантации на бубрези од починат донор се извршени денеска во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Трансплантацијата на срце е извршена кај 66-годишен пациент за кој немало друга алтернатива и чие срце работело со помалку од 20 проценти, а трансплантациите на бубрези се извршени кај двајца 40-годишни пациенти кои оделе на дијализа.

Донор е 42-годишна жена која имала желба да ги донираат органите по смртта.

– Голема благодарност до семејството на починатата пациентка која за жал имаше спонтано крварење во мозокот и беше детектирана мозочна смрт, а сопругот и братот ја испочитуваа нејзината желба која ја искажала уште за време на животот, а тоа е при нејзина евентуална смрт да бидат донирани нејзините органи, изјави попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

Пациентот на кого му е вградено новото срце е на респираторна машина, а веќе од утре треба да започне процесот на будење. Оваа фаза, како што посочи Филипче, е критична, но се надева дека пациентот ќе ја надмине и нема да има позначајни компликации.

Директорот на Клиниката за кардиохирургија Сашко Јовев изјави дека операцијата поминала добро и дека пациентот засега е добар.

– Се надеваме дека така ќе остане и понатаму, рече Јовев.

Изразувајќи благодарност до лекарските тимови, Филипче посочи дека ваквите постапки во делот на трансплантацијата го ставаат нашиот здравствен систем на еднакво рамниште со развиените европски земји.

– Мислам дека ваквите успешни трансплантации многу значат. Се подига свеста кај граѓаните за важоста од органодарителството. И овие чинови на трансплантација практично значат дека еден живот денес е спасен, а на други двајца пациенти животот целосно ќе им биде сменет и не ќе мора повеќе да одат на дијализа, рече Филипче.

За националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова Мијовска, нема поблагороден чин од органодарителството.

– Со самите дела што ги правиме и кампањата што ја започнуваме во однос на подигнување на свеста на органодарителството видовме дека фамилиите разбираат за што зборуваме и знаат дека доколку се работи за мозочна смрт, останува дел од нивниот близок кој ќе работи во друго тело, изјави Мојсова-Мијовска.

Од мај 2020 година досега извршени се експлантации од седум починати донори, а трансплантирани се пет срца, 12 бубрега и едно коскено ткиво.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во тек е трансплантација на срце и бубрези од 42-годишна пациентка, чијашто последна желба била да ги донира органите

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед: Топ пет најзадолжени општини

Редакција

(ВИДЕО) 7 начини како да го спречиме ширењето на корона вирусот

Редакција

СЗО: Лекот „Ремдесивир“ не делува врз коронавирусот

Редакција