Еден од најуспешните настани што се одржува во Македонија посветен на успехот и традиционалните вредности, „Мажи на годината“, петти пат по ред во организација на Џентлмен Магазин и Фрајдеј Комуникации, ќе се одржи последната недела од ноември, месец посветен на машкото здравје, информираат организаторите.
-Гламурозен настан кој се одржува во повеќе од 70 земји ширум светот, на едно место ги обединува најистакнатите имиња во претприемаштво, здравство, образование, политика и култура, настан за кој многумина ќе кажат дека е исклучително важен поттик за младите џентлмени.
Докажаниот успешен тим кој стои зад овој проект веќе започна со организација и со полна пареа работи на јубилејното петто издание на „Мажи на годината“ во Македонија кое со нетрпение го очекуваме, велат од таму.
-Навистина сме горди што овој настан прерасна во традиција, препознаен во јавноста и што претставува императив за многу млади и успешни луѓе, велат организаторите од Џентлмен Магазин и Фрајдеј Комуникации.
Овој јубилеен настан се најавува како единствен од овој тип на овие простори, за оние кои препознаваат и негуваат вистински вредности и добри навики, исполнет со многу нови изненадувања, загарантирана забава со богата музичка програма, гламур и награди за најуспешните.
-На наше големо задоволство повторно ќе им оддадеме почит и ќе ги избереме 13 најуспешни мажи за оваа година. Целта на овој настан е да ги поттикнеме мажите што повеќе да ги негуваат добрите навики, манирите, стилот на живот, хедонизмот и успехот, велат од Џентлмен Магазин и Фрајдеј Комуникации.
Како и секоја година така и оваа, за изборот на најуспешните мажи ќе одлучува стручна жири комисија составена од 25 члена кои се истакнати имиња во новинарството, претставници од бизнис секторот, режисери, стилисти, спортисти, итн.
Традиционално, и вие можете да земете директно учество во изборот, и да номинирате една личност во категоријата на избор на „Маж на годината според социјални медиуми“, кој го сметате за најзаслужен оваа година.