Кој беше Гоце Тодоровски, еден од најсаканите македонски актери

Македонија се простува од Гоце Тодоровски, еден од најсаканите и најпопуларните актери на сите времиња.

Неговото заминување очекувано е топ тема на социјалните мрежи, а од него се простуваат колеги, соработници, политичари, граѓани…

-Гоце Тодоровски не ја бараше наклонетоста на гледачите. Ја освојуваше уште со првото појавување на сцената. Неговата игра имаше ретка непосредност: прецизен актерски ритам што изгледаше сосема природно, жива мимика, препознатлив гест и оној мангупски шарм со кој умееше да ја пренесе играта од сцената во гледалиштето.

Неговата комика никогаш не беше само ефект. Зад смеата стоеја дисциплина, инстинкт и длабоко разбирање на човечките слабости, напишаа од Драмски театар, неговиот матичен, каде и се пензионираше.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Почина легендарниот актер Гоце Тодоровски

Имаше 75 години.

Кој беше Тодоровски

Роден е во Кичево на 30. април 1951 година.

Основното, средното и високото образование ги завршил во Скопје.

Во 1976 година дипломирал на Отсекот за драмски актери при Вишата музичка школа.

Уште како студент учествувал во продукции на Драмски театар Скопје, каде што во 1978 година станува постојан член на ансамблот.

Во Драмски останува до пензионирањето во 2018 година, оставајќи зад себе четири децении посветеност на театарот што беше негов уметнички дом.

Дел од претстави што прераснаа во вистински театарски феномени

На матичната сцена оствари 43 улоги во претстави од различни жанрови.

Неговата театрографија започнува со „И бол и бес“, а низ годините ги создаде Цанде во „Солунски патрдии“, помалиот брат во „Чудото на Свети Ѓорѓи“, мачорот Џингискан во „Мачорот Џингискан и Мики Траси“, Ачко во „Викенд на мртовци“, Питу во „Сара Бернар“, сер Тоби Ждригало во „Ноќ спроти водици“, Петар во „Собирен центар“, Главниот во „Ова не е американски филм“, Панталоне во „Арлекин или Слуга на двајца господари“, Осман-бег во „Ладало“ и многу други.

Ставре во „Како да се ограби банка“, беше неговата последна улога на сцената на Драмски театар.

Тодоровски беше дел од три претстави што прераснаа во вистински театарски феномени: „Солунски патрдии“, „Болва во уво“ и „Викенд на мртовци“. Секоја од нив живееше на сцената повеќе од две децении, со генерации гледачи што ги знаеја ликовите и репликите речиси како дел од сопствените семејни приказни.

Во „Солунски патрдии“, критиката неговата изведба ја опиша како речиси самостојна артистичка вечер, истакнувајќи ја леснотијата со која се преобразуваше од лик во лик и свежината и неповторливоста на неговите комични нијанси.

Иако природно надарен за комедија, неговиот актерски опсег беше далеку поширок. Ангеле во „Лет во место“, во режија на Слободан Унковски, Питу во „Сара Бернар“ и неговите улоги во „Ревизор“, „Собирен центар“ и „Ова не е американски филм“ откриваа актер способен истовремено да ги носи светлината и темнината на еден лик.

Зад разиграноста постоеја меланхолија, ранливост и прецизно чувство за драмскиот миг. Во тоа се состоеше неговата големина: никогаш да не го претвори ликот во карикатура, дури и тогаш кога салата се тресеше од смеа.

Создаваше ликови што влегуваа во домовите и растеа заедно со неколку генерации

Неговото присуство одамна ги имаше надминато границите на театарската сцена.

Учествуваше во повеќе од шеесет филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Викенд на мртовци“, „Пред дождот“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Ругање со Христа“, „Преспав“ и „Бистра вода“.

За многумина останува неразделен дел и од „Бушава азбука“, „Хихириху“ и „Македонските народни приказни“, во кои со години создаваше ликови што влегуваа во домовите и растеа заедно со неколку генерации.

Со Ванчо Петрушевски, Благој Чоревски и Ѓорѓи Колозов ја основаа комично-сатиричната театарска трупа „Модро окце“. Работеше и со македонската заедница во Австралија, каде што режираше и играше во претстави на театарот „Бумеранг“, пренесувајќи го македонскиот јазик и театар далеку од матичната сцена.

Награди

За улогата на Цанде во „Солунски патрдии“ во 1980 година ја доби наградата за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во 1986 година е прогласен за најпопуларно телевизиско лице, во 2020 година ја добива наградата „Свети Јоаким Осоговски“ за значаен придонес во театарот и уметноста, а во 2023 година е одликуван со Орден за заслуги за Република Македонија.

Во 2025 година, фестивалот „Војдан Чернодрински“ му ја додели Наградата за животно дело, признание за актерскиот пат што одамна беше станал дел од историјата на македонскиот театар.

Минатата година ја доби државната наградата „23 Октомври“ во областа на културата и уметноста за 2025 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гоце Тодоровски ќе биде погребан денеска

Фото: Драмски театар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести