еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Поповиќ: Почитувајќи ги препораките за здравствена заштита, ја скративме рамката на фестивалските вечери на Охридско лето, но не и квалитетот на изведувачите

Вечерва во Античкиот театар во Охрид, се отвора 60. јубилејно Охридско лето под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски. По повод отворањето и одржувањето на оваа значајна културна манифестација, „еМагазин“ разговараше до директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ која истакна дека ова издание почитувајќи ги препораките за здравствена заштита скратена е рамката на фестивалските вечери, но не и квалитетот на изведувачите.

Охридско лето годинава за прв пат се одржува во вонредни услови поради коронавирусот, но за да се продолжи традицијата ќе се одржи. Со какви потешкотии се соочивте за сепак оваа значајна културна манифестација да се одржи?

– Одговорноста да се подготвува програма во време на пандемија е голема, но и задоволството кога знаете дека сте успеале во време кога големи светски фестивали поради Ковид -9 се откажуваат. Посебно предизвик беше да се направи програма достојна за големината на јубилејот 60-години успешна приказна Охридско лето.

Почитувајќи ги препораките за здравствена заштита ја скративме рамката на фестивалските вечери но не и квалитетот на изведувачите. Тоа подразбира дека се соочивме со сосема нови околности како во организациска така и во програмска смисла на зборот.

Навистина сум горда што успеавме во тоа, што покажавме дека Фестивалот има тим за кого најважна е успешната реализација на програмата и задоволната публика. Само така се гради брендот на една врвна институција како што е Охридско лето притоа почитувајќи ја традицијата градена со децении.

Тоа им го должиме на сите градители на ова големо дело посебно на првенката на Македонската опера, Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 година ја создаде приказната Охридско лето.

Имајќи ги предвид околностите, што ќе содржи програмата? Дали се настојуваше да се одржи нивото на квалитет на уметниците?

– Секако дека за нас најважен е квалитетот на уметниците и тука отстапки не правевме. Доколку ја погледнете програмата ќе видите навистина истакнати музички имиња како од светската уметничка сцена така и наши уметници, оркестри, театарски куќи… Тоа секако е доказ дека токму тие се столбот на нашата уметничка вредност.

Традицијата на гламурот на Свеченото отворање, најголемите ѕвезди да настапат на Античкиот театар ја продолжуваме со грандиозен проект денеска 4 август, датум кога се слави и роденденот на Фестивалот. Концертот на арии насловен како „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ ќе биде посветен токму на основоположникот на Охридско лето, во изведба на светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ.

Годинава на отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје Св.Софија, од 4 до 30 август ќе пречекаме околу 300 врвни уметници од 19 земји, Србија, Италија, Хрватска, Велика Британија, Турција, Франција, Русија, Грција, Германија, САД, Босна и Херцеговина, Полска, Словенија, Косово Чешка, Албанија и секако најголем број уметници се од Република Северна Македонија.

Дали ќе има гости од странство и кои ќе бидат тие?

– Голема благодарност до врвните светски уметници кои прифатија да дојдат и покрај сите протоколи и мерки кои ги имаме предвидено. Има многу ексклузивни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ- САД, Фукио саксофон квартет од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, Масимо Мерчели флејта-Италија, мецо сопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет од Германија, Ариан Баке обоа Франција, Дуо Солипс, несекојдневен настан е концертот за четири клавири и оркестар кој ни доаѓа од Чешка,

Дали ќе настапат наши, домашни уметници?

– Фестивалот „Охридско лето“ е еден од најголемите промотори и афирматори на македонската уметност, на македонските композитори и изведувачи. Секоја година, на својата програма Фестивалот вклучува врвни домашни изведувачи, кои стојат рамо до рамо со оние светските но е и сцена за најдобрите претстави на нашите театарски куќи. Посебно сум горда што годинава приоритет им дадовме на нашите македонски уметници, оркестри, театарски куќи.

Од македонската сцена свој настап имаат Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл Про Арс со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин, гала оперска вечер под раководство на диригентката Бисера Чадловска како и женскиот балетски ансамбл и оркестар од НОБ, вечер на Музичка Младина со камерниот оркестар „Саша Николовски Ѓумар„ вечер со музиката на македонскиот композитор Томе Манчев (каде ќе настапат Весна Анѓеловска, Маја Шутевска, Љубиша Кировски, Марјан Милошевски, Горан Начевски, Елена Атанасовска, Антоние Весковски).

Драмскиот дел од програмата е со претстави од домашните театарски куќи. Изведбите ќе бидат со мал број на актери на сцена и без нивен физички контакт.

Што може да очекува публиката и што е направено за нејзина безбедност?

– Како Национална установа за нас најголем приоритет е грижата за јавното здравје водејќи сметка за безбедноста на нашата верна публика и врвните уметници кои ќе бидат дел од годинешново издание.

Задолжително ќе биде носењето на лична заштита на лицето на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организацијата, строго ќе се запазува физичкото растојание од два метри, ќе се врши дезинфекција на раце на влез пред настан, ќе се мери температура на влез на секој посетител.

Исто така безбедносни мерки ќе бидат превземени и за заштита на уметниците од времето на нивното доаѓање па се до нивното заминување. Тоа подразбира дека ќе се почитуваат препораките како за нивниот престој така и за нивниот настап, обезбедување на слободен влез на сцена и излез, одржување на безбедно растојание со организаторите и публиката, целосна дезинфекција на сцената пред и после настан, обезбедување редарска служба за нивно непречено движење….

Реализацијата на фестивалските вечери ќе биде строго по утврдените протоколи и мерки дадени од Комисијата за заразни болести и насоките на Министерството за култура. Тоа значи едно поинакво издание во организациска смисла на зборот но по квалитетот на изведувачите на ниво на богатата фестивалска историја со која гордо се претставуваме во светот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЕУ ќе ја понижи Бугарија за зелено светло за Македонија и сето тоа е поради лошата надворешна политика на Радев, вели Борисов

Редакција

МНР на Бугарија: Условите за меѓувладина конференција со Македонија не се исполнети

Редакција

Во последните три дена 210 нови случаи на Ковид-19, направени се 4.620 тестови

Редакција