еМагазин
Image default
Бизнис

Поради голем интерес: Објавен втор повик за субвенции за печки на пелети

Министерството за економија објави нов, втор оглас за доделување субвенции за печки на пелети. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека новиот оглас е објавен поради големиот интерес на граѓаните на првиот повик.

„Со Ребалансот на буџетот, Министерството за економија побара и доби дополнителни средства во износ од 7.000.000 денари за субвенционирање печки на пелети за домаќинствата. Со ова ќе придонесеме за подигање на јавната свест, за заштеди на енергијата која е скап ресурс и за заштита на животната средина, чија загаденост во есенско-зимската сезона во последниве години создава големи потешкотии. Оваа мерка е и во согласност со владиниот План за чист воздух“, рече Бектеши.

Посочи дека право на учество на овој оглас имаат граѓаните кои имаат купено печки на пелети во своите домови во периодот од 1 септември до 12 декември 2018 година и кои ќе поднесат барање за искористување на правото на надоместок.

„Од денеска до 12 декември сите домаќинства ќе имаат можност да аплицираат за да добијат субвенции за набавување печки на пелети. Ќе имаат можност да бидат субвенционирани со до 50 отсто од сумата, но не со повеќе од 500 евра во денарска противвредност“, појасни Бектеши.

Министерот за економија ги повика сите заинтересирани лица да аплицираат, посочувајќи дека при првиот повик субвенции добиле над 450 домаќинства, додека со вториот повик ќе бидат субвенционирани над 230 домаќинства.

„Во рамки на програмата за намалување на загаденоста во Република Македонија ние како Влада сме целосно посветени за субвенционирање во наредниот период на над 20.000 домаќинства во Република Македонија што се однесува на печки на пелети“, наведе Бектеши.

Тој посочи дека доделувањето на поддршката на домаќинствата е по принципот „прв дојден – прв услужен’’. Изјави дека со новиот предлог буџет за 2019 година се предвидени дополнителни средства за повикот што ќе биде објавен кон почетокот на новата година.

На новинарското прашање, коja е висината на сумата за субвенционирање за плин и за метан и од кога отприлика би стапила во сила, тој одговори дека сумите ќе се одредуваат речиси како со останатите мерки за енергетска ефикасност, односно некаде околу 50 отсто од трошоците за поставување на такви уреди, изразувајќи уверување дека, следната година овој период, односно есента 2019 година, ќе биде објавен оглас со цел да им излезат во пресрет на граѓаните.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Агенцијата за храна и ветеринарство уништила 280 килограми небезбеден сусам увезен од Индија

Редакција

92% од вработените нема да работат во недела: Владата го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи

Редакција

Прилепски „Мермерен комбинат“ ќе исплати бруто дивиденда во износ од 1,71 евро по акција

Редакција