еМагазин
Бизнис

Потпишан договорот со германската фирма „Дермалог“, првите 250 фингерпринт апарати ќе пристигнат на 25 август

Државната изборна комисија (ДИК) го потпиша договорот со германската компанија „Дермалог“, која треба да ги набави потребните терминали за читање отпечатоци од прсти, системот за нивно функционирање, а ќе се грижи и за нивно одржување во следните четири години, односно четири изборни циклуси.

Договорот е во висина од околу 11 милиони евра. Првите 250 терминали за читање на отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври годинава во земјата треба да пристигнат на 25 август, истакна во интервју за МИА претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

-Договорот е склучен и покрај ова што го рековте вие, софтверот и терминалите, тука спаѓа и друга опрема што значи дополнителна опрема, резервни делови, тука спаѓа кутијата односно класичното куферче за чување на опремата кое исто е направено по одредени стандарди за да не може да подлежи на кршење, на прашина, вода, литиумски батерии, тука се каблите за поврзување и целокупната опрема. Со него е купен и мрза скенерот и термалниот принтер, изјави Даштевски.

Тој потенцира дека договорот ги опфаќа и услугите што компанијата треба да ги испорача кон Комисијата во наредните четири години.

-Услугите како што е дефинирано вчера во договорот ќе траат не само за овој избирачки процес, туку ќе траат во наредните четири години, сервисирање на опремата и спроведување на целиот изборен процес во смисла на ставање на отпечатоци на прст.

Она што беше дилема во јавноста дека зошто ваков договор и како ќе се направи тоа, значи е решено со ова, бидејќи сервисната поддршка ќе изнесува 60 месеци, сметано од потпишување на договорот и согласно со планот за поддршка и одржување наведена во техничкиот дел на понудата на носителот на набавката, а носителот на набавката е компанијата со која го склучивме, тоа ќе значи дека тие услуги што ќе ги дадат се да бидат присутни тука на теренот со 150 и повеќе инжинери ако проценат.

По склучување на договорот тие ќе склучат договори со контрактори и супконтрактори што ќе им бидат тука за помош, за логистика, вели Даштевски за МИА.

Меѓу другото, објаснува дека вработени од компанијата „Дермалог“ ќе направат технички преглед на терминалите, ќе мора исто така да направат прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик претседател на избирачки одбор се работи за некаде околу 7.000 луѓе, кои исто така ќе бидат обучени.

Вработени од „Дермалог“ исто така ќе го вршат полнењето и празнењето на терминалите со податоци од избирачкото место на кое ќе биде употребен соодветниот терминал.

-Нивниот софтвер треба да го поврзат со нашиот софтвер и да ги наполнат терминалите со бројчиња по Избирачки список односно по избирачки места, вели Даштевски.

Посочува дека како посигурна ја избрале варијантата терминалите да ги содржат само податоците за лицата кои ќе гласаат на избирачкото место. Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.

-Ние имаме наши закони и тоа ќе регулираме со Агенцијата за заштита на лични податоци и нас, како што знаете, МВР ни ги предаде податоците во неделата. Тие се криптирани и не може никој да ги отвори и се внесени кај нас во серверот. Не може никој да ги отвори.

Кога ќе дојде денот за полнење ќе се декриптираат и ќе се полнат во тие терминали. Точно ќе се знае за кое избирачко место, кој терминал ќе биде. Оние што ќе управуваат со нив (терминалите) не можат да ги извадат, да ги отворат, бидејќи постои специјален сервер со кој се полнат и само тој сервер е програмиран за тоа, изјави Даштевски.

Вработени на „Дермалог“ ќе бидат мобилни и на денот на изборите и во секоја Општинска изборна комисија ќе има по еден или двајца инжинери кои ќе бидат постојано на услуга. На крајот од изборниот ден терминалите ќе бидат земени од избирачките одбори и податоците ќе бидат вратени во серверот, потоа повторно ќе бидат криптирани и ќе бидат вратени на МВР.

Терминалите, системот, другата опрема и услуги што „Дермалог“ ќе ги дава за четири изборни циклуси по ред ќе чинат околу 11 милиони евра.

-Сега за локалните избори, понатаму следните претседателски, парламентарните и локалните избори, сервисот и оваа постапка што ја кажувам тие треба да ја спроведуваат. Тоа ќе биде за пет години, сервисирањето е четири години за апаратите, а гаранцијата е пет години за апаратите. Вкупната сума за пет години е 678.979.979 денари, изјави Даштевски.

Исплатата на оваа сума, доколку целиот процес успешно се изведе, ќе биде по завршувањето на локалните избори односно средината на ноември годинава.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Намалена добивката на Факом во првите девет месеци

Редакција

(Фото) Хари Костов со капче против топлотниот бран на потпишувањето на договорот за финансирање на East Gate Mall

Редакција

Народната банка распродава автомобили: По багателни цени се нудат Ауди А6, Форд Мондео, Цитроен Ц4…

Редакција