Фондот за деца на Обединетите нации, заедно со Фондацијата Телеком за Македонија, денес објави отворен повик со кој се повикуваат младите иноватори да достават идеи за дигитални решенија за отстранување на бариерите со кои децата и младите со попреченост се соочуваат во образованието и во секојдневниот живот.
Националниот повик, со име „Младински предизвик – дигитална инклузија“ е дел од младинскиот предизвик „Generation Unlimited 2019/20“ што се одвива во над 40 земји низ светот и ќе биде отворен до 22 ноември, 2019.
„Адолесценцијата е најдобро доба за поттик на креативното мислење и иновативноста. Тоа е исто така време кога децата учат како да решаваат проблеми и како да покажат грижа за другите. Затоа сакаме да ја искористиме креативноста што ја носат тие години и очекуваме младите иноватори да се вклучат во справување со најголемите предизвици на нивната генерација.
Еден од нив е примена на дигиталните знаења за рамноправно општество во кое секој ќе учествува во сите аспекти од секојдневниот живот без бариери“, рече претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани.
Најдобрите десет тима (во кои треба да има барем по едно лице со попреченост) ќе бидат поканети на работилници за натамошно развивање на своите идеи во декември 2019.
По овие работилници, ќе бидат избрани пет најдобри идеи кои ќе бидат наградени со финансиски средства и со менторска поддршка. Тимовите ќе работат под менторство на експерти за интернет, инженери, маркетинг и ИТ-специјалисти од Македонски Телеком.
„Во дигиталното општество еден од најголемите предизвици ќе биде намалување на дигиталниот јаз и создавање еднакви услови за сите, особено за ранливите групи, како што се децата и младите со попреченост. Наша задача е како носители на дигиталната трансформација да создадеме услови и да покренеме иницијативи, но и да ги вклучиме младите во заедничко креирање фер дигитално општество“, изјави Никола Љушев, претседател на Фондацијата Телеком за Македонија.
Во јуни 2020 година, двете најдобри решенија од финалето во земјата ќе влезат во светскиот избор. Овие проекти ќе имаат можност да добијат дополнителни средства во износ од 20.000 долари, заедно со глобална програма за инкубација од партнерите на Generation Unlimited, за нивно проширување.
„Младински предизвик – дигитална инклузија“ на УНИЦЕФ и на Фондацијата Телеком за Македонија се реализира во соработка со СмартАп и Македонскиот извиднички сојуз.
Повеќе информации за „Generation Unlimited”: www.genunlimited.mk.