Апелацискиот суд во Штип ја усвои жалбата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и решението на Основниот суд за предметот преку кој работниците како предлагачи побараа отварање на стечајна постапка над должникот – фабриката за чевли АД „Баргала“.
Сојузот на синдикатите на Македонија преку писмено соопштение информираат дека предметот е вратен на повторно судење во Основниот суд во Штип.
Со Решението, Апелацискиот суд го задолжува Основниот суд во Штип при повторното постапување со сигурност да утврди дали доверителите – работниците имаат доспеани, а неплатени парични побарувања врз основа на важечки основи за плаќање, дали исплаќал плата во износ и висина утврдена во согласност со Закон и колективен договор и дали должникот е неспособен за плаќање повеќе од 45 дена од која било негова сметка кај кој било носител на платниот промет.
-Судијата Емил Пилатов, кој во тој период во врска со поднесеното барање за отварање на стечајна постапка во АД Баргала Штип, во изјава за медиумите кратко одговорил: „Нема стечај засега, ќе чекаме Апелација што ќе каже“, го доби одговорот од Апелациониот суд, кој ја усвои жалбата на ССМ и Решението на Основниот суд Штип СТ.12/21 го укина и предметот му го врати на повторно судење заради суштествени повреди на постапката со оглед на тоа што причините се нејасни и контрадикторни врз основа на кои судел судијата.
Иако за сите државни институции и за ССМ, работењето во Баргала АД Штип е скандалозно и без почитување на законите во државата, судијата Емил Пилатов и привремениот стечаен управник Пепи Панев дозволија да страдаат околу 300 вработени и нивните семејства, оставени без плати, со незаконити отказни решенија и без стабилен статус и егзистенцијална иднина што се потврдува и со оваа пресуда, се вели во писменото соопштение на ССМ.
Посочуваат и се сомневаат на развиена мрежа од поединци судии и стечајни управници кои, како што велат во соопштението слугувале на газдите на АД Баргала и дозволуваат работниците со месеци да гладуваат и покрај решенијата за исплата на неисплатените плати и решенијата за враќање на работниците и работничките на своите работни места.