еМагазин
Image default
Бизнис

Преполовен извозот на македонски зеленчук во Русија

Поради нереализираниот пласман на свежата зелка, преполовен е извозот на македонски зеленчук во Русија, а за четвртина е намален пласманот на македонското овошје во првото полугодие од годинава во споредба со истиот период лани.

Според Македонско-руската стопанска комора, за ваквата истоштеност на македонскиот извоз на овошје и зеленчук нема никакви политички причини, туку се работи за одредено неснаоѓање на домашните компании со силната конкуренција на која се изложени на овој пазар.

„Добра вест е што не е намалена побарувачката на македонските земјоделски производи од страна на руските компании. Овојпат се испречува како проблем цената, бидејќи квалитетот на нашите производи никогаш не бил спорен за руските увозници“, изјави претседателот на комората Дејан Бешлиев.

Во првото полугодие од годинава македонските компании во на рускиот пазар извезле зеленчук во износ од 5,7 милиони американски долари, а овошје од околу 4,9 милиони.

Дванаесет македонски компании, производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук до 20 овој месец ќе ги изложуваат своите производи пред посетителите на најголемиот прехранбен саем во Југоисточна Европа „Мир питание 2018“ (WORLD FOOD 2018), кој денеска беше отворен во Москва.

Учеството е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора, а финансиски го поддржува Министерство за земјоделство на Македонија.

Македонија на овој саем се претставува со национален штанд на 90 метри квадратни. Бизнис-делегацијата составена од 25 лица ја предводи Бешлиев. „Агролозар“ од Струмица, „Випро“ и „Виториа“ од Гевгелија, „Суна стар“ и „Румко“ од Ресен, „Ларс“ од Штип, „Кривогаштани промет“ од Прилеп, „Бага Фуд“ од Битола, „Јуникс“, „Химаглион“, „Конимекс“ и „Виталиа“ сите од Скопје. Свој посебен штанд на московскиот саем има компанијата „Витаминка“ од Прилеп, се компаниите учеснички.

„Од денеска на оваа саемска манифестација трае рамковното договарање на пласманите за следната година и се надеваме дека нашите производители и преработувачи заедно со руските увозници ќе успеат да најдат баланс меѓу квалитетот и цената и дека ќе следи зголемен пласман на земјоделски производи на овој пазар“, информира Бешлиев.

Покрај најголемите извозници на храна во Руската федерација, на оваа саемска манифестација традицонално се присутни и експерти од областа на агрокомплексот, а деновиве ќе се одржуваат и трибини, промоции и презентации, што го прави овој саем најголема берза за храна во овој дел на светот.

„WORLD FOOD 2017“ привлекува огромна публика, трговци на големо и мало, дистрибутери и ресторани.

Во московскиот „Експоцентар“ каде што се одржува саемот, изложуваат 1.600 компании од 62 држави. Во просек изложбата на храна ја посетуваат преку 30.000 посетители од 79 региони во Русија и 90 други држави. Дури 25.000 посетители или 84 отсто од посетителите влијаат на одлучувањето за купување производи презентирани на саемските штандови.

Македонската бизнис – делегација во Москва ќе има посета и на „Македонски дом“, во деловниот центар „Фуд сити“, каде ќе има разговори со менаџментот на компанијата формирана за поттикнување на македонскиот извоз на рускиот пазар.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За 16 месеци се инсталирани фотоволтаици со моќност речиси како еден блок од РЕК Битола

Редакција

Македонски транспортери заглавени на границите на Украина со Полска и Романија

Редакција

МВР склучи договор со Аутомотив груп за набавка на возила, вреден 815,4 илјади евра

Редакција