еМагазин
Image default
Балкан

Претседателот на грчкиот парламент: Ратификациите на меѓународните договори со Северна Македонија не се итни  

Ратификациите на договорите со Северна Македонија не се итни, вели претседателот на грчкиот Парламент, Константинос Тасулас, одговарајќи на соопштението од СИРИЗА, во кое од опозициската партија коментираат дека Владата на неодредено време ги одложува ратификациите, јави дописничката на МИА од Атина.

Тасулас, во писмената изјава, објаснува дека на вчерашниот состанок на претседателите на Парламентот, но и во разговор со новинарите, меѓу другото, информирал дека „трите ратификации на меѓународните договори со Северна Македонија немаат карактеристика на итни“.

Од опозициската СИРИЗА, претходно, излегоа со соопштение во кое велат дека претседателот на Парламентот и Владата, од страв дека ќе има различни ставови од пратениците на Нова демократија, „на неодредено го одложува гласањето на договорите со Северна Македонија“ и тоа претставува „потврда на омаловажувањето на парламентарниот процес и предизборната измама на господинот Мицотакис“.

Предлог законите за „Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, за „Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка“ и за „Техничката спогодба за надгледување на FIR Скопје“, на 14 и 15 септември беа доставени во грчкиот Парламент, а според предвидените процедури, прво треба да бидат презентирани пред Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања, а потоа и да бидат изгласани на седница во Парламентот.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас вчера рече дека сѐ уште не е одреден датум за ратификацијата на конкретните договори.

Дел од медиумите во Грција, но и портпаролот на СИРИЗА, во изминатите денови тврдеа дека Нова демократија, не може да најде пратеник кој би бил известувач во Парламентот за трите билатерални договори со нашата земја, за што Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на вчерашниот брифинг со новинарите истакна дека „не постои никаков проблем околу ратификацијата на трите договори со Северна Македонија“.

Објасни дека Нова демократија беше против Договорот од Преспа и „како опозиција направи сѐ што може за да го спречи“, но сега, кога Грција, во односите со Турција се повикува на меѓународото право, не може да не го зема предвид меѓународниот договор со Северна Македонија.

-Предупредивме дека ако еден меѓународен договор се ратификува, не може да се смени. Денес, сите сфаќаат дека кога ние како темел го имаме меѓународното право за да се соочиме со турската провокација, не можеме оваа наша обврка да ја исполнуваме „a la carte“.

И да велиме дека се повикуваме на меѓународното право во врска со Турција, а да не го земаме предвид во врска со Северна Македонија. Според тоа, договорите одаат напред, не постои никакво такво прашање и секако сакам да истакнам дека еден од овие се однесува на контролата на FIR на Северна Македонија од грчкото воздухопловство. Според тоа не постои некакво прашање, рече Пецас.

Со оглед на тоа дека трите меморандуми што произлегуваат од Договорот од Преспа, се први што доаѓаат по промената на власта во Грција, од опозициската СИРИЗА, кога ратификацијата ќе биде на дневен ред во Парламентот, ќе побараат јавно гласање, со прозивање на сите пратеници, нешто што во неделата го потврди и лидерот на партијата Алексис Ципрас, велејќи дека очекува гласањето на 158-те пратеници од Нова демократија, да биде и извинување за нивната опозициска реторика за Договорот од Преспа.

-Секој од 158-те пратеници со својот глас, ќе дава и едно извинување. Очекуваме 158 извинувања. Извинување за поделбата, извинување за лагите, извинување за измамата, извинување за хистеријата, извинување за нападите, извинување за куршумите до министрите и пратениците од СИРИЗА, извинување за подметнувањето пожари пред нивните домови, извинување за мизеријата што се случи пред две години, рече Ципрас во неделата на прес конференцијата во Солун.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Не постои нешто во Договорот од Преспа што не може да се спроведе, вели портпаролот на СИРИЗА

Редакција

(Видео) Пристигнa првиот снег на Балканот

Редакција

(Видео) Граѓани обвинуваат дека се кријат новозаболените од корона вирусот во Србија: Исвиркана премиерката Ана Брнабиќ

Редакција