Граѓаните кои ќе купуваат домашен производ, при скенирање на сметките за поврат на ДДВ наместо 15%, отсега ќе добиваат 20%.
За странските производи, пак, со уредбата донесена вчера, повратот се намалува од 15% на 10%.
„Со поттикнување на потрошувачката на домашните производи и услуги им помагаме на вработените во производствените капацитети, на угостителите, на занаетчиитe, на нашите пријатели, соседи, познаници, но и сограѓани кои не ги познаваме, а сега навистина им е потребна нашата поддршка.
Таа поддршка можеме да им ја дадеме, така што наместо странски производ, ќе одбереме домашен.
И ние знаеме и умееме да креираме квалитетни производи и услуги. Поддршката на домашните компании е од големо значење, особено сега кога сите земји даваат поддршка на националното производство и услуги,“ изјави министерката за финансии Нина Ангеловска, по повод измената на уредбата.
Според Министерство за финансии, во МојДДВ учествуваат над 290.000 граѓани, кои даваат придонес во борбата против сивата економија.
Фото: МФ