еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Вонредно ќе се преиспитува пресудата: Прифатено барањето на Јанкулоска за одложување на затворската казна за „Тенк“

На поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и е прифатено барањето да и се одложи четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), соопшти денеска Основниот кривичен суд – Скопје.

Извршувањето на казната се одложува се до одлучувањето по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда од страна на Врховниот суд.

„Заради интерес на повеќе медиуми, ја информираме јавноста дека Врховниот суд на РСМ до Основниот кривичен суд – Скопје достави решение со кое барањето на Г.Ј. осудена со пресуда на Основниот кривичен суд – Скопје со КОК бр. 21/18 и пресуда на Апелацискиот суд – Скопје со КОКЖ бр. 46/18, од обвинителството означена како „Тенк“, за одлагање на извршувањето на казната – се уважува.

Во решението е наведено дека, извршувањето на казната изречена со пресудата на Основниот кривичен суд – Скопје од 08.10.2018 година, а потврдена и преиначена во делот на казната со пресуда на Апелацискиот суд –Скопје од 25.03.2019 година со која Г.Ј. е огласена за виновна за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 ст.5 в.в со став 1 в.в со член 23 од КЗ  и осудена на казна затвор во траење од четири години се одлага се до одлучување по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда од страна на Врховниот суд на РСМ“, велат од Судот.

Случајот „Тенк“ се однесува на набавката на блиндирано моторно возило „мерцедес С 600 гард“ во вредност од 600 илјади евра.

За „Тенк“ поранешниот премиер Никола Груевски, кој стана азилант во Унгарија доби двегодишна затворска казна, а поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски е осуден на шест години и шест месеци затвор. На Поповски Апелацискиот суд му ја намали казната на 4,5 години.

Во обвинението се вели дека во 2012 година Груевски, како претседател на Владата на Република Македонија, со искористување на своето реално влијание и службена положба, побарал од Јанкулоска, службено лице министерка за внатрешни работи во Владата, да се изврши службено дејство кое не би смеело да се изврши, и тоа јавна набавка во која МВР ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило од марката „мерцедес“.

Фото: Фејсбук/Јанкулоска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Русија: Ќе требаат од 8 до 10 месеци за нова вакцина против коронавирусот

Редакција

За викендот засилен ветер, повремени врнежи од дожд и опаѓање на температурата

Редакција

Радев: Бугарија е подготвена да го зголеми извозот на струја во Македонија согласно европските правила

Редакција