Основното јавно обвинителство – Куманово поведе истражна постапка против двајца царинарници, кои пред два дена примале поткуп на граничниот премин „Табановце“, а на предлогот на обвинителството, Судот им определи 30-дневен притвор.
– На 28.07.2019 година околу 02:50 часот на граничниот премин „Табановце-Патен“ во својство на службени лица-царински службеници вработени во Царинската Управа на Република Северна Македонија, побарале и примиле подарок за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Осомничените при вршење царинската контрола од возачот на патничко моторно возило „Фиат Дукато“ со германски регистарски ознаки, побарале и примиле парични средства во висина од 70 евра.
Паричните средства биле примени за да не извршат службени овластувања и надлежности кои произлегуваат од нивните работни места, односно доколку се исполнети законските услови на возачот и сопатниците да им пресметаат и наплатат задолжителни царински давачки при внесување стока.
Откако бил примен подарокот, осомничените на лицето му дозволиле непречен влез во државата без да биде извршена редовната царинска контрола и без да биде извршена проверка на стоката која ја носел, соопшти Јавното обвинителство.
При извршен претрес од страна на полициски службеници во службените простории се пронајдени и други парични средства кои се предмет на натамошно преземање дејствија во рамки на истрагата на обвинителството.
Постапувајќи по поднесената кривична пријава, надлежниот јавен обвинител донел наредба за спроведување на истражна постапка и поднел предлози за определување на мерка притвор за секој од осомничените. Судот го прифатил предлогот на обвинителството и со решение на осомничените им е определен притвор во траење од 30 дена.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Приведени двајца цариници за поткуп: Џебовите и фиоките им биле полни со евра и франци