еМагазин
Image default
Локално

Проект Скопје: Најреномираните светски архитекти на конференција по повод 60 години од скопскиот земјотрес

Што ќе се случи ако реконструкцијата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година почне денеска, дали повторно целиот свет ќе се обедини за поддршка и одново ќе го изгради градот?

Ќе биде ли катастрофата појдовна точка за изнаоѓање нови модели за економска, инфраструктурна, политичка и урбана реконструкција на Скопје? Овие и многу други прашања поврзани со урбаниот развој на Скопје ќе бидат предмет на дискусија на меѓународната научна конференција „Проект Скопје“ во организација на Архитектонскиот факултет, која денеска и утре (7 и 8 јуни) се одржува во главниот град.

Конференцијата „Проект Скопје“ се организира по повод одбележувањето на 60 години од разорниот земјотрес во Скопје, но и 110 години од раѓањето на јапонскиот архитект Кензо Танге, кој одигра многу значајна улога во планирањето на изградбата и реконструкцијата на постземјотресно Скопје.

На оваа конференција, реномирани архитекти, научници и истражувачи од Јапонија, Холандија, Грција, Италија, Полска и САД ќе разговараат за поуките од минатото, но и за важноста на идеите за солидарност, значењето на меѓународната помош и за реконструкцијата и изградбата на разурнатите градови во светот.

Организаторите на конференцијата истакнаа дека 60 години по разорниот земјотрес, најистакнатите светски експерти повторно се во Скопје за да зборуваат за моќта на архитектурата и урбаниот дизајн како двигатели на обновата на општествата и градовите.

Деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина, рече дека во 1963 година, Обединетите нации ја препознаа можноста во постземјотресната реконструкција на Скопје да создадат еден нов „Светски град“ кој требаше да се изгради како центар на знаење што ќе промовира мир, разбирање и соработка. Таа меѓународна поддршка без преседан, предводена од ОН, стана Проект Скопје и тие цели требаше да се постигнат преку архитектура и урбанистичко планирање.

– Скопје денес е современ град кој е планиран врз основа на идеите и концептите кои доминираа во урбанизмот во 60-те години од 20. век и кој сѐ уште покажува капацитет да се соочи со современите предизвици. Но, тој капацитет на градот брзо исчезнува бидејќи во меѓувреме, како општество, го загубивме капацитетот да го замислуваме градот како целина, како една исклучителна сложена, но сепак целина која ќе ги одразува нашите вредности, нашите очекувања и нашите потреби.

Ние, како заедница, го изгубивме капацитетот да создаваме визија за нашиот град базирана на суштинските вредности како солидарноста, јавниот интерес, функционалните градски сервиси и политики и здравата животна средина, а кои го создадоа современо Скопје, рече Марина на отворањето на конференцијата „Проект Скопје“.

Тој истакна дека нашиот културен, просторен и општествен идентитет и денес активно се создава низ современата архитектура, култура, литература, уметност, театар и наука.

– Сметам дека е дојдено времето за нов пристап во замислувањето и планирањето на градот. Новите генерации на архитекти, урбанисти и инженери се веќе тука и ве уверувам дека имаат многу поголем капацитет и желба за промени од тоа што денес се нашите градови и општество. Оваа шанса, како и во 1963 година, не смееме да ја испуштиме, потенцираше Марина.

Програмата на конференцијата е поделена во три главни сесии: минат проект, сегашен проект и иден проект. На првата сесија ќе се дискутира за знаењето, теориите, практиките и научените лекции од проектите на архитектите, урбанистите и експертите кои беа вклучени во постземјотресната обнова на Скопје. Сесијата за сегашниот проект ќе ги претстави идеите кои го обликуваат денешниот свет, создавајќи ги идните урбани наследства кои се клучни за идниот социјален и урбан развој.

Идниот проект, пак, ќе ги истражува новите теории и пристапи за подобро разбирање на идните потенцијали и услови на нашите општества и градови, преку дискусии за врвните истражувања на млади истражувачи и научници од најистакнатите универзитети низ светот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Тетовец се обидел да прегази полицајци, по што избегал

Редакција

Кривична пријава за поранешен градоначалник на Карбинци

Редакција

Во сообраќајка на патот Штип-Плачковица загина 25-годишник од Карбинци

Редакција