еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Останува да чекаме, СЗО конечно да прогласи официјален крај на ковид-пандемијата во светски рамки

Во текот на месец март дневниот број на тестирања беше прилично намален (жолтата линија на првиот дијаграм), што доведе и до прилично зголемување на стапката на позитивни тестови (црвената линија на првиот дијаграм), пишува на Фејсбук проф. Дејан Трајковски во последната ковид-анализа.

„Очигледно интересот за тестирање бил дополнително намален, но дневните бројки остануваат во рамките на првиот степен на ризик, односно во подрачјето на спорадично заразување. При спорадично заразување бројките се менуваат случајно и не може да се зборува за некаков тренд.

Зелената линија на вториот дијаграм, т. е. 7-дневната подвижна средина на дневниот број на случаи, потвдува дека веќе 5 месеци ништо драстично не се случува, со исклучок на благиот новогодишен раст и уште поблагиот раст последниве 2-3 месеци поради пристигнувањето на сојот омикрон XBB 1.5 „Кракен“.

Бројот на хоспитализираните (сината линија на третиот дијаграм) го потврдува истото.

Се чини како да достигнавме извесна стационарна состојба, состојба на динамичка рамнотежа помеѓу прележувањето од новозаразувањето и бледеењето на колективниот имунитет по основ на изминато време.

Колективниот имунитет од двојно прележување (или прележување и вакцинација) држи многу подолго време, па сé уште е рано да видиме некакво позначително разгорување годинава.

Можно е дури никогаш да не видиме големо избувнување, бидејќи секогаш ќе има луѓе коишто ќе се здобиваат со нов хибриден имунитет, паралелно со оние коишто ќе го губат, односно таквиот стационарен процес може да трае многу долго време.

Да го разгледаме и фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на четвртиот дијаграм).

После есенскиот бран, би било очекувано згаснувањето да оди во насока на црвената стрелка, како што предвидуваат теоретските модели.

Но, делумно поради пристигнувањето на новиот сој „кракен“, делумно и поради зголемената зимска преносливост, гледаме дека бранот никогаш сосема не престанал.

Добрата вест е што бројките, после речиси 4 месеци од пристигнувањето на новиот сој, сé уште остануваат во рамките на спорадичното заразување. Најверојатно нема да стигнат до нула сé до летото.

Другото сценарио (раст на бројките) е помалку веројатно да се случи, штом досега не се случило.

Во поглед на бројот на починати, тие бројки исто така во просек се стационарни (на петтиот дијаграм).

Велиме „во просек“ бидејќи на секои две недели ИЈЗ – Скопје објавува големи бројки на починати, но тоа се дополнително откриени, односно заборавени смртни случаи од системот „Мој термин“.

Инаку, во просек и умирањето е сведено на спорадично, со просечно еден смртен случај дневно.

Тоа значи дека практично целата популација веќе поседува мемориски имунитет што бргу се активира и ја ликвидира болеста уште пред да направи позначителни оштетувања.

Би било интересно кога вештачката интелигенција би ги погледнала овие дијаграми и би дала свои коментари на нив.

Останува да чекаме СЗО конечно да прогласи официјален крај на пандемијата во светски рамки,“ пишува Трајковски.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонскиот фудбал е национална гордост, порача Заев

Редакција

Сите детали од владиниот предлог за промена на Уставот

Редакција

И Бугарија ги формираше работните групи за соработка со Македонија

Редакција