еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Професор Дејан Трајковски: Изгледа се нормално, но можеби мутацијата на Ковид-19 тивко се размножува и може да се случи катастрофа

Професорот на Технички факултет во Битола, Дејан Трајковски кој на неговиот Фејсбук-профил  секојдневно прави анализи за трендот на заболени од Ковид-19, починати, како и факторот на преносливост, во најновата анализа се осврнува и на тоа, што би значело доколку новиот вид на коронавирусот е присутен во државата.

„Надолниот тренд на дневните бројки се потешко се одржува. После подолго време, споредувајќи понеделник со понеделник, имаме поголем дневен број на случаи, иако не драматично поголем.

Се уште е рано за да се забележи ефектот на продолжувањето на работното време на кафеаните, но за една недела и тоа би требало да го видиме на дијаграмите.

Од друга страна, седумдневниот просек на стапката на позитивни тестови (црвената линија на дијаграмот на сликата) се побавно се намалува, практично речиси стагнира.

Во тесна корелација со неа е седумдневниот подвижен просек на дневниот број на дијагностицирани, којшто исто така се побавно се намалува.

Сабота и недела се денови со традиционално мал број на испишувања од болниците, па вчера и денес гледаме благо поткачување на бројот на хоспитализираните.

Можеби затоа и кај оваа бројка започна да се забележува се побавно ослабување на трендот (иако се уште е во границите на нормално експоненцијално опаѓање – сината крива на дијаграмот).

На истиот дијаграм гледаме во колку блиска корелација е намалувањето на бројот на хоспитализирани (сината линија) и бројот на реално активни случаи (портокаловата линија).

Нормалната корелација е повторно воспоставена, бидејќи немаме повеќе преполни болници, за разлика од деновите околу ноемврискиот пик.

Со зголемувањето на бројот на нови случаи веќе и стапката на леталитет (CFR- Case Fatality Rate) се враќа кон понормални вредности (сината линија на дијаграмот).

Се на се, изгледа како се да е нормално, не го забележуваме подводниот леден брег (англискиот мутант на вирусот) кој во позадина, замаскиран со останатите соеви на вирусот, можеби тивко се размножува и веројатно за еден до два месеци ќе стане доминантен и на овие простори, како впрочем и во цела Европа, па и Канада.

Тоа е „катастрофа што чека да се случи“, како што велат Американците. Можеби нашите здравствени власти намерно му оставаат време на населението да се релаксира и разоноди пред наредното заклучување, а можеби и (наивно) ништо не мислат или ги оставаат грижите за утре.

Инаку, со базичен репродукционен број R0 на британската варијанта на вирусот од околу 4, повеќе ни стапка на имунизација заедно со прележаност од 65% нема да биде доволна. При R0=4 теоретскиот минимум на колективен имунитет (од прележување и вакцини заедно) ќе изнесува 1-1/R0 = 1-1/4 =0,75 = 75%.

Во стварност, меѓутоа, ќе биде потребна имунизација на најмалку 80-85% од населението за да нема многу ни спорадично заразување. Можеби ќе треба дури и 90% стапка на имунизираност за враќање на животот во нормалата.

Нека размислат малку антиваксерите – дали е подобро да се вакцинираат или да живеат со ризикот еднаш годишно да се разболат, имајќи предвид дека едно од тие разболувања може потенцијално да биде и фатално“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Професорот Дејан Трајковски: Сите затворени летни бавчи пред кафулињата се ризик по здравјето поради вирусните аеросоли на Ковид-19

Анализа на професорот Трајковски: Епидемијата со Ковид-19 забавува, прогнозите се добри, но болниците бавно се празнат и речиси се полни

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Шведска се уште не ги исполнила условите за да добие одобрување од Турција за да влезе во НАТО, вели Ердоган

Редакција

Два нови случаја со мали сипаници во Скопје

Редакција

Запалено возило го испразни Ист Гејт Мол

Редакција