Претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој е и кандидат за втор мандат за шеф на државата, коментираше дека почетокот на преговорите за членство на РС Македонија во Европската унија нема да зависи од следната бугарска влада, туку од самата РС Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Радев „клучно за почеток на преговорите со ЕУ за РС Македонија е почитувањето на правата на македонските Бугари, искоренувањето на говорот на омраза, прекинот на обидите за систематско уништување на културното и историското наследство на Бугарија”.
Почетокот на преговорите нема да зависи од следната нова влада на Бугарија и нов парламент, туку пред сè од самата Република Северна Македонија, која мора да преземе соодветни мерки.
– Убеден сум дека само со отворен дијалог меѓу Софија и Скопје ќе изградиме искрени пријателски односи какви што очекуваат луѓето од двете страни на границата, коментира кандидатот за втор мандат за претседател на Бугарија.
Радев потсети дека за време на самитот ЕУ-Западен Балкан во Крањ, Словенија, како ротирачки претседател на ЕУ, тој многу јасно ставил до знаење дека Бугарија го кажала својот став пред неговите колеги лидерите од ЕУ. Северна Македонија мора да преземе соодветни мерки, и додаде дека само со отворен дијалог меѓу Софија и Скопје, а не лобирање во европските престолнини, ќе бидат изградени искрени односи.
Во врска со изборите во Бугарија, Румен Радев коментира дека влогот на овие избори е огромен и од нив ќе зависи дали ќе продолжат тековните процеси на заздравување на државата или задкулисието повторно ќе добие институционална власт.
– Првата задача на бугарските политичари е да формираат влада на земјата. Владата мора да има цврста поддршка од бугарскиот парламент,додаде Радев.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Борисов и Радев фаворити: Денеска парламентарни и претседателски избори во Бугарија
МИА/Фото: Фејсбук/Радев