Tрошоците на животот во септември 2018 година, во споредба со септември 2017 година, забележаa пораст од 1.5 %, а цените на мало забележаa пораст за 2.6 %, соопшти Државниот завод за статистика.
Трошоците на животот во септември 2018 година, во однос на претходниот месец се намалени за 0,1 отсто, а цените на мало за 0,7 отсто.
Пораст на трошоците на животот во септември 2018 година, во споредба со претходниот месец е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови за 7.4 %, замрзнатото овошје за 0.7 %, конзервираното овошје за 0.6 %, рибата и морските плодови за 0.5 %, млекото за 0.4%, другите преработки од месо, алкохолните пијалаци за 0.3 % и оризот за 0.2%.
Во септември 2018 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 2.8 %, средствата за чистење и одржување на станот за 2.6 %, гасот за домаќинствата за 2.0 %, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 1.6 %, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0.6 %, мебелот за домаќинствата за 0.5 %, угостителските услуги за 0.4 %, телефон и телефакс-опремата, услугите за лична хигиена за 0.3 %, теписите и другите покривки за под, градините, растенијата и цвеќињата за 0.2 %.