Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) почна постапки за одземање на лиценци на двајца снабдувачи на електрична енергија – Друштвото за производство, трговија и услуги Мист енерџи и Друштвото за трговија со електрична енергија У повер ДОО експорт-импорт Скопје.
Причината за тоа е што не ги обезбедиле навреме и во целост количините на електрична енергија за кои имаат склучено договори со потрошувачите и нe постапиле во целост по претходно донесените одлуки на РКЕ со кои им беа наложени мерки за усогласување на работењето, велат од РКЕ.
За снабдувачот со електрична енергија Енергија гас енд пауер ДООЕЛ Скопје, РКЕ донесе одлука за преземање на мерки со што практично снабдувачот треба да достави докази дека ја има обезбедено потребната количина на електрична енергија за потрошувачите.
– Мист енерџи и У повер не купиле електрична енергија навреме и сега кога цените на берзите се зголемија, количините кои им недостигаат ги надополнувале од резервите на МЕПСО кои се наменети за балансирање на електроенергетскиот систем.
МЕПСО ја алармираше РКЕ дека е евидентирано неоправдано зголемено ангажирање на електричната енергија која се користи за исклучителни ситуации.
Дополнително оваа електрична енергија што снабдувачите ја користеле од механизмот за балансирање е поевтина од берзанската цена, со што ја нарушуваат конкуренцијата и ја загрозуваат стабилноста на електроенергетскиот систем.
РКЕ ја следи состојбата во континуитет и пред еден месец побара од овие снабдувачи да доставуваат (докази дека имаат обезбедено електрична енергија) номинации согласно потребите на своите потрошувачи, но до истекот на рокот не постапија и затоа отпочнуваме со постапка за одземање на лиценци, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
РКЕ донесе и одлуки со кои им налага на снабдувачите Соларопро Холдинг ДООЕЛ, Вангард ДОО Скопје и Енерџи акитиве увоз-извоз ДООЕЛ Скопје точно и целосно да ги информираат потрошувачите за нивните права и обврски.
-Регистриравме половично информирање и обиди за манипулација од страна на снабдувачите кон потрошувачите. Па така, дел од снабдувачите почнале да ги раскинуваат договорите со домашните компании, министерства, јавни претпријатија и други установи пред време и се обиделе да им фактурираат по нови цени.
Сакам да потенцирам дека преку донесените закони и правилници потрошувачите се заштитени и снабдувачот не смее да им ја промени цената од договорот додека трае периодот на промена на снабдувач, односно додека не склучи нов договор. Снабдувачот е обврзан да му ја фактурира испораката на струја на потрошувачот согласно цената во договорот за снабдување.
Доколку тоа не го прави и манипулира РКЕ ќе отпочне со соодветни постапки. Сакам да потенцирам дека овие ценовни дисторзии се евидентирани на слободниот пазар на големо, додека цената на електричната енергија за домаќинствата е стабилна и гарантирана од домашниот производител ЕСМ. Универзалниот снабдувач ја има обезбедено потребната енергија, изјави Бислимоски.
РКЕ ќе ја информира Комисијата за заштита на конкуренција за последните донесени одлуки и отворени постапки.