Во очекување на третата сезона од популарната ТВ серија „Преспав“ и на барање на публиката, од понеделник, 10 септември 2018 ќе започнат да се емитуваат репризните изданија на 40-те епизоди од првата сезона.
Серијата ќе се емитува на првиот канал на МРТ секој работен ден од понеделник до петок во 21:15 часот, а репризите ќе бидат во 16 часот.
„Преспав“ е прв македонски ситком проект, кој изминативе две сезони постигна голем успех и популарност кај публиката.
„Предизвикот наречен „Преспав“ за мене беше голем и исклучително провокативен. И во лична и во професионална смисла. Не само заради поделбата на улогите, природата на ликовите и нивните меѓусебни односи, туку пред сè заради самата жанровска дефиниција на ситкомот, неговата промоција и афирмација во македонскиот медиумски простор, како и високите креативни и продукциски стандарди кои ОХО продукција ги постави со „Преспав“ како прв телевизиски формат од овој тип кај нас“, вели Васил Зафирчев (Марио).
Освен на телевизиските екрани, посетеноста на YouTube каналот на серијата достигна над 4 милиони прегледи. Метафорично пансионот „Преспав“ го отсликува македонското општество во кое граѓаните се сведоци на слични ситуации во изминатите транзициски времиња па се до патот и желбата за членството во Европската Унија.
Во ликовите се прекршува балканскиот менталитет, од кој и ние граѓаните не можеме да избегаме, со желбата да станеме подобро „европско“ општество во кое сакаме да воспоставиме нови стандарди и принципи.
„Кога не можеш да снимиш сцена до крај зашто не престануваш да се смееш, кога три пати во денот те прешминкуваат зашто шминката ти се распаѓа од плачење, верувајте, тешко е да се издвои една интересна случка“, вели Јелена Јованова – Периќ (Јелена).
Во првата сезона учествуваше актерска екипа која ја сочинуваа: Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Владо Јовановски, Игор Стојчевски, Васил Зафирчев, Горан Стојановски и Адриан Азири.
ТВ серијата „Преспав“ е во продукција на ОХО. Концептот и оригиналната идеја на серијата се Пеце Талески и Елеонора Венинова, режијата е на Игор Иванов. Додека режисери на епизодите се: Игор Иванов, Вардан Тозија, Елеонора Венинова и Даријан Пејовски. Сценаријата се на: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Венко Андоновски и Димитар Банов. Директор на фотографија е Наум Доксевски, а монтажата е Сашко Потер Мицевски. Музиката е на Мите Димовски, студио Тралала.