Учебната година ќе почне на 1 октомври, одлучи Владата на денешната 82-ра седница и го задолжи Министерството за образование да го промени календарот за почеток на учебната година.
– Владата го задолжи Министерството за образование и наука да го промени календарот за учебната 2020/2021 година со што наставниот процес наместо на 1-ви септември да започне на 1-ви октомври 2020 година, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Владата на денешната седница ги усвои Протоколите за постапување на основните и средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година.
Во Протоколот за основните и средните училишта се предвидува наставата да се одвива со почитување на мерките за заштита, односно, носење маска, држење дистанца и хигиена на раце.
Родителите се должни секој ден да му мерат на ученикот температура, а во случај на покачена над 37 степени, детето не смее да се носи на училиште.
Наставата во основните училишта се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците.
Во Протоколот за основно училиште е предвидено да нема мешање на ученици од различни паралелки и друго.
Во Протоколот за средните училишта, меѓу другото, е предвидено училиштата да воведат систем за еднонасочно движење на учениците низ просториите и ограничување на бројот на лица кои истовремено се присутни во соблекувалните и контролирано излегување и влегување во соблекувалните.
На влезот во училиштето се поставуваат средства за дезинфекција, како и во училниците и другите простории.
Вработените при влезот задолжително ги дезинфицираат обувките, рацете и друго.