Утре недела, 8 мај 2022, во 11.00 часот ќе се одржи мирен протест на родителите и учениците од ОУ Киро Глигоров во Капиштец, Центар, против одлуката на училишното раководство да го оттуѓи игралиштето за кафиќ.
-Ние, родителите на ОУ „Киро Глигоров“, Капиштец ве известуваме и воедно ги покануваме медиумите на 8. Мај 2022 година во 11:00 часот во школското игралиште да присуствувате на протестот што го организираме против комерцијалното отуѓување на игралиштето.
При донесувањето на одлуката и потпишувањето на договорот со фирмата „Форца“ правно е прекршена законската регулатива и заобиколено е мислењето на родителите.
Со ваквата назаконски донесена одлука и ништовен договор, им се одзема на децата од Капиштец она што на политичките изборни кампањи им беше ветувано: школо и школско игралиште во коешто безбедно и безгрижно ќе ги поминат детските училишни денови,“ велат родителите од ова училиште.
Од таму бараат итно стопирање на градежните активности, раскинување на договорот (којшто веќе е правно ништовен, враќање на игралиштето во првобитната состојба и на слободно располагање на децата, да се преиспита законската регулатива којашто го уредува комерцијалното работење на училиштата со цел да се ограничат комерцијалните активности истите да се организираат единствено и само во интерес на учениците на школото.
Фото: Општина Центар