еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Роковите течат, преговорите запнаа: Зад кулисите „тепачка“ за парламентарно мнозинство

Освен партиски препукувања нема конкретни информации за тоа кој ќе биде мандатар на новата Влада иако полекува истекува рокот предвиден во Уставот за да се обезбеди парламентарно мнозинство.

СДСМ вчера повтори дека води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, која, како што потенцира, треба да обезбеди прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и имот на секој функционер.

Новата влада, велат од партијата, посветено ќе се зафати со борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат, а приоритет е прочистување на правосудството.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, пак, вчера истакна дека партијата има комуникација со политичките партии, но оти не би навлегувал во детали да не ги наруши.

„Од она што може да се забележи од претходно што го говорел и претседателот Христијан Мицкоски, но и што се постулатите на ВМРО-ДПМНЕ, програмските, економските определби треба да се идентификуваат. Но не би навлагувал во детали за да не наштетам на процесите“, рече Арсовски.

Во однос на комуникацијата на ВМРО-ДПМНЕ со останатите партии, според него, забележливи се пријателски односи и комуникација буквално со сите партии.

По конституирањето на Собранието пред пет дена ДПА соопшти дека на средба на нејзиниот лидер Мендух Тачи со Зоран Заев, СДСМ им понудил да бидат дел од новата владина коалиција.

Демократската партија на Албанците начелно е согласна да биде дел од Владата, но било договорено да се формираат работни групи кои ќе ги предводат секретарите на двете партии кои треба да се договорат за деталите.

Арбен Таравари, пак вчера соопшти дека Алијансата за Албанците би влегла во Влада со ДУИ само ако Насер Зибери е премиер.

По предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јуни, на 4 август се конституираше новиот парламентарен состав и почна да тече 10-дневниот рок за формирање парламентарно мнозинство, по што претседателот на државата треба да го додели мандатот за формирање Влада.

Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Ако се земат предвид досегашните искуства со македонското политичко миље јасно е дека задкулисно се водат тешки игри и се даваат „дебели“ ветувања за да се оформи парламентарно мнозинство и да се обезбеди владејачка позиција во наредните четири години.

Фото: Собрание

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Спасовски не сака да шпекулира дали тој би бил технички премиер

Редакција

„Еуровиа“ од Желино го доби тендерот на Министерството за здравство за изградба на Поликлиника Сарај вреден милион евра

Редакција

(Видео) Детален преглед: Кои се добитниците на наградата Оскар?

Редакција