еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

РСЕ: Во нацрт-декларацијата на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија стои поддршка за проширувањето, но со ригорозни услови

Декларацијата што ќе биде ставена на маса на Самитот во Брдо, а во која Радио Слободна Европа имала увид, покрај поддршката за интеграции, содржи и акценти на ригорозни услови, исполнување на договорите за решавање на билатерални проблеми, како и поддршка за борба со пандемијата, криминалот, корупцијата, тероризмот…

– Ние, лидерите на Европската унија (ЕУ) и нејзините земји-членки, во консултација со лидерите на Западен Балкан и во присуство на регионални и меѓународни чинители, денес го заклучивме следново: ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е во наш заеднички стратешки интерес и останува наш заеднички стратешки избор, пренесе РСЕ.

Ова стои во драфт верзијата на Декларацијата која на 6 октомври во Брдо кај Крањ, во Словенија, ќе биде ставена на маса за потпис на Самитот ЕУ – Западен Балкан.

ЕУ декларацијата подготвена за Самитот во Брдо содржи 29 параграфи, поделени во четири тематски целини – Декларацијата „Брдо“, Ковид-19, Економски и инвестициски план за Западен Балкан и Политичка и безбедносна соработка.

Покрај поддршката од членките на Унијата, Декларацијата содржи и напомена дека „ЕУ ја потврдува својата посветеност кон процесот на проширување и нејзините одлуки донесени врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и по принципот на сопствени заслуги“.

Унијата во посебна точка го наведува признавањето на напредокот на регионот, како и тоа дека го одржува развојот кој обезбедува капацитет за интегрирање нови членки, пренесува РСЕ.

– Ние дополнително ќе го интензивираме нашиот заеднички ангажман за да ја продолжиме политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, истовремено признавајќи го напредокот постигнат од Западен Балкан.

Исто така, потсетуваме на важноста што ЕУ може да го одржи и да го продлабочи сопствениот развој, обезбедувајќи го нејзиниот капацитет за интегрирање на нови членки, стои во драфт верзијата на Декларацијата подготвена за Самитот во Брдо на 6 октомври.

Членките на Унијата и во Декларација ја нагласуваат важноста од почитувањето на добрососедските односи во регионот, и исполнувањето на Договорот од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, како и пронаоѓање и спроведување на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови на партнерите и прашањата вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи.

Дипломатски извори од Брисел вчера брифираа дека поддршката на ЕУ за проширувањето се предвидува да биде спомената во завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо во Словенија, како и тоа да се каже дека Унијата ја реафирмира поддршката за регионот и има капацитет да апсорбира нови членки, но тоа ќе биде условено со нејзиниот капацитет за проширување.

Вратата за членство во ЕУ не може да се каже дека е затворена, брифираат дипломатските извори од Брисел, но кога е во прашање проширувањето тоа е сложен процес и има бројни предизвици, важен е мерит системот, како и реформи, особено во борбата против корупцијата и криминалот и владеењето на правото.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Спектакл во Дубаи: Отворена најголемата фонтана во светот

Редакција

„Сакаш бугарски пасош, оди во Острени, Голо Брдо“: Новинари од Албанија си купија лажни потврди за бугарско потекло

Редакција

Борисов за германски ФАЦ: Македонците се насилно преобратени Бугари

Редакција