Русија и Кина во заеднички став, го критикуваа „негативното влијание на САД во Европа и азиско-пацифичкиот регион“ и се спротивставија на „натамошното проширување на НАТО“, беше соопштено по денешната средба меѓу претседателите на двете земји, Владимир Путин и Си Џинпинг.
Средбата се одржа во Пекинг пред денешното отворање на Зимските олимписки игри во главниот град на Кина.
Во заедничкиот документ, Русија и Кина го повикаа НАТО „да се откаже од пристап заснован на Студената војна“ и изразија сериозна загриженост за одбранбениот сојуз меѓу Австралија, Велика Британија и САД.
„Вашингтон има негативно влијание врз стабилноста и мирот во азиско-пацифичкиот регион“, се додава во соопштението.
Во исто време, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, рече дека на САД не може да им се верува во однос на тензиите на руско-украинската граница.
– Би препорачал да не му се верува на Стејт департментот во овие работи, рече Песков, осврнувајќи се на наводите на американските разузнавачки служби дека Русија планирала да измисли напад од Украина за да создаде повод за напад на својот сосед.
МИА/Фото: Влада