Русија повторно најави дека Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) ќе го разгледа можниот конечен договор за името на Македонијa, во јавноста познат како договорот од Преспа.
“Дијалогoт и евентуалниот конечен договор, во согласност со став 3 од Резолуцијата 845 ќе биде разгледан од Советот за безбедност на ОН„, објави на официјалниот Твитер-профил Мисијата на Русија во ОБСЕ.
Од Мисијата на Русија во ОБСЕ очекуваат: „прашањето за државното име на Македонија да се реши без притисок однадвор и во вештачки услови и тоа решение треба да се заснова на широка јавна поддршка и исклучиво во рамките на правото“.
“Убедени сме дека обидите да се наметнат надворешни императиви на граѓаните на Македонија само ја влошуваат поделбата на македонското општеството.
Прогонството на оние што не се согласуваат со политиките на владата на Македонија се интензивира. Продолжува невидениот притисок и врз претседателот на земјата, а се појавија и информации за тоа дека неговите телефони од канцеларијата се прислушувани.
Јавната доверба во силата на институциите и во демократските процедури е сериозно нарушена во Македонија. Референдумот, како алатка на законодавниот дом, беше дискредитиран.
Интервенциите на западните земји во внатрешните работи на Македонија предизвикаа рецидив на акутна политичка криза во земјата, која не е надмината повеќе од три години“, велат од Мисијата на Русија во ОБСЕ.